Заев: Со ребалансот на Буџетот ќе обезбедиме еднакви услови за домашните и за странските компании

215

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и министрите од економскиот тим на владата денеска присуствуваа на деловниот појадок кој традиционално го организира Сојузот на Стопански комори на Македонија.

На настанот присуствуваа амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, како и претседатели на коморите и претставници на бизнис секторот застапуван од Сојузот на Стопански комори на Македонија.

На почеток на своето излагање пред стопанствениците, менаџерите и другите гости, премиерот Заев ја истакна цврстата определба на Владата  да работи како сервис на граѓаните, но и како сервис на деловните луѓе.

„Наша задача е ние да создадеме услови и очекувања, а вие, стопанствениците, да правите повисоки профити. Да ги подмирувате давачките кон државата и да отворате нови работни места за нашите граѓани“, порача премиерот Заев пред присутните.

Заев упати пораки до бизнис заедницата во насока на неопходноста од нивнатасогласност во процесот на градење на посолидарно и посреќно општество, и, како што рече на тој, во градењето на заеднички пат кој ќе гарантира успех доколку се воспостави вистинска кохезија помеѓу работниците, бизнис секторот и власта.

„Деловната заедница практично ги чувствува потребите секојдневно и може да биде одличен партнер на извршната власт во спроведувањето на владините програми, стратегии, економски политики и мерки. Сакаме да ги слушнеме вашите укажувања со кои вие секојдневно практично се соочувате“, рече премиерот Заев.

Сојузот на Стопански комори на Македонија испорача до првиот министер и до Владата на Република Македонија, вкупно 75 предлог економски мерки за кои премиерот Заев рече дека дел се веќе вклучени во економските политики на новата влада, а останатите внимателно ќе бидат разгледани.

Премиерот најави еднакви услови на пазарот за сите пазарни субјекти, превентивна улога на инспекциските служби, побара совесно работење и исполнување на обврските од страна на деловните субјекти, но исто така рече дека сите капацитети ќе бидат впрегнати за намалување на даночната евазија и спречување на нелојалната конкуренција.

„Веројатно јас сум првиот премиер на Република Македонија кој доаѓа од деловната заедница и апсолутно ми се познати сите проблеми, маки и можности со кои се соочуваат деловните луѓе. Ќе го искористам тоа мое искуство заедно со сите ваши согледувања и со искуството на сите министри да ги отстраниме сите административни слабости, но и да го унапредиме развојот на стопанството“, порача  Заев.

Зборувајќи за предложениот ребаланс на буџетот, Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, им ги презентираше на присутните претприемачи, стопанственици и бизнисмени економските мерки коишто ќе бидат спроведени по донесувањето на ребалансот и ја побара нивната поддршка и вклученост во реализација на истите.

„Во ребалансот на Буџетот вградивме финансиски средства и во делот на привлекување на инвестициите, ги изедначуваме условите на домашните инвеститори со странските инвеститори. Оваа влада продолжува со политиките на поддршка на привлекување на странски инвестиции, новината е што условите ќе важат и за домашните инвеститори“, ги најави премиерот Заев поволностите што ќе ги добиваат и домашните инвеститори од државата.

Свое обраќање пред присутните имаше и Заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, кој изрази уверување дека Владата на Република Македонија ќе работи како партнер на стопанството кој ќе помага во решавањето на проблемите и ќе создава амбиент на транспаретна деловна клима.

„Ќе соработуваме со домашните фирми и ќе помогнеме во градење на нивниот капацитет и нивните конкурентни способности да бидат конкурентни кај странските инвеститори и на сите пазари“, рече заменик претседателот задолжен за економски прашања, Анѓушев.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Анѓушев, зборуваше за политиките на владата во енергетиката, транспортот и инфраструктурата и ја истакна важноста на поддршката што Македонија ја доби на Самитот во Трст за изградба на делницата Крива Паланка – Бељаковце.

„Ако сакаме да имаме здрави фирми коишто ќе растат, тие фирми мора да бидат извозно ориентирани. Како влада мора да обезбедиме за вас пазар да биде целиот Балкан, Европа и светот“, порача Анѓушев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.