Заев соопшти дека Кичеец бил на лекување, ама не знае зошто патувал накај Скопје

Од разговорот со директорот на Управата за извршување санкции, Зоран Милески Кичевскиот имал право да користи отпуст од казната во траење од 30 дена поради лекарски причини, кусо одговорија на новинарско прашање и премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ, за сообраќајката која викендов се случи на преминот Стража, во која едно лице загина, а каде учесник во настанот беше и Кичевскиот кој е на издржување затворска казна.

– За настанот дознав од медиумите. Прво сакам да изразам сочувство до семејството на загинатиот, а на повредените да им посакам побрзо закрепнување од оваа сообраќајна незгода. Разговарав со директорот на Управата за извршување на санкции, и ме информираше дека тој имал целосна документација за лекување. Тоа е право на секој затвореник, како што има право на годишен одмор, има право на викенд, така има право на лекување. За деталите ве упатувам на Управата за извршување на санкции. Не знам зошто се упатил кон Скопје, можеби поради лекарска помош, треба да прашате во Управата – изјави Заев.

И Маричиќ рече дека разговарал со директорот на Управата за санкции и дека тоа што било објавено преку соопштение е точната верзија.

– Врз база на медицинска документација добил 30 дневен прекин на санкцијата за да ги заврши работите. Ова не е ниту прв ниту последен затвореник кој ја користел оваа допуст за прекин на издржување на казна – рече Маричиќ.