Изнудите на милиони евра, злоупотребите на функциите, расипништвото, неправдата, огромните суми на пари во готово за кои јавноста слуша во судкиот процес „Рекет“ се само врв на ледениот брег. Тоа што се крие под површината е режисерот и главниот заштитник на рекетарите Зоран Заев и неговиот монструозен план за рекетирање и лично богатење, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Република Македонија владее рекетарско корумпирана влада на СДСМ, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ и потенцираат дека со СДСМ и Зоран Заев секој бизнисмен или обичен граѓанин е жртва или може да стане жртва.
„Вилма Рускоска го штити и го прикрива криминалот на Зоран Заев. Со тоа Вилма Рускоска директно го поддржува и го одобрува криминалот на Заев.
Никој не верува во приказната дека зад рекетирање и уценување на бизнисмени стојат сами обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева. Секој човек знае дека зад нив е директно врхушката на власт на чело со Зоран Заев“, сметаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ставаат акцент на тоа дека случајот Рекет, каде што целата јавност е сведок како се уценуваат бизнисмени и се изрекетирани милионски суми, мора да добие правна разрешница.
„Институциите мора да работат во интерес на правдата, владеењето на правото и во интерес на граѓаните. Јавно обвинителство и судството мора да работат согласно законските прописи, професионално и непристрасно. Јавното обвинителство мора да се ослободи од спрегата на СДСМ и Зоран Заев“, категорични се од оваа партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека граѓаните на 12 април ќе им кажат на Заев и на СДСМ дека им е доста од сите криминални и корупциски афери и скандали, но и дека ќе си замине целото криминално раководство на социјладемократите.