Заев: Треба да ја зграбиме првата можност за избори

Државата треба да ја зграби првата можност за одржување на изборите бидејќи, ако експертите во светот најавуваат втор бран на корона вирусот, којзнае кога ќе биде втората можност, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев се осврна на неколку прашања поврзани со Собранието, опозицијата, здравствените и економските мерки…

„… Македонија ги прекина изборните дејствија и денеска се замрзнати сите изборни процеси. Нема ништо поважно од здравјето на граѓаните. Но треба да бидеме свесни сите во услови кога нема Парламент и има одложени избори, кредибилитетот на владата мора да биде поткрепен од довербата на граѓаните. Фала богу бројките од корона кризата опаѓаат и треба будно да ги следиме. Но треба да ја зграбиме првата можност за избори бидејќи не знаеме кога ќе има втора можност. Светот кажува дека есента може да има и нов бран. Ако се случи тоа, ќе влеземе во пробивање на сите уставни рокови од пренесените надлежности“, изјави Заев одговорајќи на прашањата поврзани со датумот за изборите и политичкиот дијалог.

Претседателот на СДСМ вели, иницијативата на 35 пратеници за повторно свикување на Парламентот е демократски порив. бидејќи тие чувствуваат одговорност, дека треба да ја контролираат владата која во моментов поради здравјето, задира во човековите права а граѓаните нема каде да реагираат.

„Можеби парламентот ќе биде потребен и за кредитите, но во демократија, Собранието мора да функционира. Претседателот на Собранието, со кого разговарав, сепак должен е да врати на иницијативата, макар и со писмена форма до пратениците“, потенцираше Заев.