Заев тврди дека ДУИ знаеле дека целиот Закон за јазици е испратен во Венецијанската комисија

Можеби Артан Груби не знаел, но владините коалициони партнери од ДУИ знаеле дека целиот Закон за јазици ќе биде испратен на разгледување во Венецијанската комисија, изјави во средата премиерот Зоран Заев реплицирајќи на изјавата на споменатиот пратеник дека ДУИ очекувале само два члена од законот да се испратат во Комисијата.

Сега, според Заев, се бара начин како препораките да бидат вметнати во законот, откако ДУИ остро се спротивставија на измени. Во вторникот вечерта во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, пратеникот Груби тврдеше дека, од Министерството за правда го испратиле целиот закон на оценување, без знаење на ДУИ.

Од Министерството за правда во средата негираа дека тие го испратиле законот во Венецијанската комисија. Велат дека тоа го сториле од Владата и дека препораките треба да се почитуваат.

Од опзоициската ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека подготвуваат амандмани на законот, за кои бараат поддршка и од СДСМ. Побараа и расправата за измените да оди по редовна, а не скратена постапка. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, застана на страна на својата партија ДУИ и .порача дека никакви измени на законот нема да поминат во парламентот.

Во мислењето на Венецијанската комисија стои дека, употребата на албанскиот јазик во некои делови е прешироко. Зборовите „комплицирано„ и „нема доволно време„, се употребуваат често во мислењето. Сметаат дека ќе се забават судските постапки, што е спротивно со правото на судење во разумен рок, а дел од Законот ги надминува минималните предвидени стандарди за заштита на малцинствата.

Во одредени области, велат, законот оди предалеку со наметнување на нереална правна обврска врз јавните институции. Препорачуваат да се измени чл. 3 од Законот со кој се обезбедува употреба на албанскиот јазик во внатрешната и внатре-институционалната комуникација. Забележуваат и дека е екстремно широк опфатот на водењето на постапките пред јавните институции на македонски и на албански јазик.

Предупредуваат и дека наметнувањето на употреба на албанскиот или на кој било друг малцински јазик врз граѓаните е повреда на индивидуалното право на слободата на изразување. За идејата за двојазични униформи и банкноти, велат дека е надвор од европските рамки. Препорачуваат намалување или одложување на паричните казни предвидени за кршење на законот, кои според нив, се превисоки.