Заев упорен за избори на 5-ти јули, Деркоски повторува дека изборните дејствија не може да се спроведат за само 22 дена

И 125 новозаразени и седум починати само во последното деноноќие од коронавирусот, за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не е доволна причина за продолжување на вонредната состојба па и натаму инсистира одржување брзи избори вуште на 5-ти јули, додека челникот на изборната комисија Оливер Дерковски предупредува дека тие преостанати 22 дена се недоволни за целосно подготвување на регуларен изборен процес.

Во изјава за Вечер од вторникот, Заев вели дека досега вонредната состојба била продолжувана заради економските мерки за помош на граѓаните и стопанството. Според него немало потреба од четврти сет мерки, бидејќи третиот пакет ќе се спроведувал до есен.

„Нема никакви причини владата да бара нова вонредна состојба. Нема ни основ како да ја оправда. Затоа и роковите за избори остануваат онака како што е уставно и законски пропишано, а тоа е 22 дена од завршувањето на вонредната состојба, односно на петти јули“, уверува Заев.

Од друга страна, пак, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски, за Алфа телевизија вели дека не може да се зборува за 5-ти јули или друг термин без прочистен Избирачки список и без највисокиот изборен орган да има доволно време да ги спроведе изборните дејствија.

„Мојот став е идентичен во континуитет. За изборните дејствија се потребни 35 до 50 дена без разлика дали зборуваме за 5-ти јули или друг термин. За 22 дена тоа е невозможно. Избирачкиот список мора од почеток да се преработи. Датумот за избори не се определува со уредба со законска сила. Тоа треба да го определи претседателот на собрание со решение без разлика дали е резултат на лидерите на партиите. Ако пред завршувањето на вонредната состојба биде одреден датум кој за неколку дена варира од минималните 35 дена ДИК ќе се потруди да ги исполни сите задачи, но нема да може да гарантира дека се е спроведено според прописите“, истакна Деркоски.

Опозицијата и натаму изборите не ги гледа како приоритет. Здравјето на граѓаните треба да биде во преден план.

„Ставот на сите одговорни во државата треба да се води од стотиците новозаразени од смртоносниот вирус а не од политички позиции. За жал. СДСМ во владата зазема став со политичка позадина“, изјави Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Еврокомесарот за проширувања, Оливер Вархеји, во телефонски разговрои со партиските лидери Христијан Мицкоски и Зоран Заев, подоцна во вторникот ќе се обиде да ги приближи ставовите. Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека во фокусот на телефонскиот разговор на лидерот на партијата и комесарот ќе биде состојбата со корона вирусот како прв услов за консензус за датум за одржување избори.

Од ДУИ, пак, освен предлози за гласање три дена, пензионери, луѓе во изолација па сите останати има и други приоритети. На голема врата ја промовираат идејата за премиер Албанец.

„Првиот премиер Албанец ќе биде премиер на сите. Премиер наљ еднаквост , работни места, еднакви плати, премиер на еднаквите права и неселективна правда”, вели претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Одлуката за тоа дали ќе има нова вонредна состојба, шефот на државата Стево Пендаровски се очекува да ја донесе по седницата на анционалниот Совет за безбедност. Од тоа во голема мера може да зависи и изборниот датум.