![zaev-i-gruevski-681x408](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/zaev-i-gruevski-681x408.jpg?resize=681%2C408&ssl=1)
Поранешниот премиер Зоран Заев преку социјалните мрежи ја коментираше одлуката на Апелациониот суд да ја поништи првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет е Сашо Мијалков. Со ова процесот се враќа од почеток, а можно е застарување на делото за масовното прислушување во државата.
-Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме. Сега, некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда.
Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција.
Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам.
Ги повикувам сите надлежни од и околу правосудството, сите со грам одговорност за иднината на нашата земја и нашиот народ, да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат бидејќи за нивните злодела има докази чисти како ден, пишува Заев.