Изминатиов викенд имаше бројни реакции на граѓаните за возењето на мотор на премиерот Зоран Заев со министерот за здравство Венко Филипче, во време кога Македонија се соочува со огромни бројки на починати од коронавирусот.
Зоран Заев во понеделникот го коментираше тој потег.
„Уште кога ме избраа премиер, реков викенд не работам. Недела е ден за семејството, за себе. Лично јас ги полнам батериите со возење на мотор. Недела е ден кога секој човек заслужува да одмори, и јас секогаш кога можам, за време на викенд сум за семејството. Иако имам дозвола, не се движев никаде за време на полициски час. Направив една турнеја добра низ земјата, и тоа е ден на викенд. Јас не се кријам. Го правам тоа за себе. Ако јас би бил покорисен, ако можеме нешто плус да помогнеме и јас и министерот Филипче, секако од тоа мое лично право веднаш ќе се откажам. Но сме направиле дефинитивно се, и недела е ден за одмор“, рече Заев.