Заев уште не разговарал со Ципрас

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се уште немал телефонски разговор со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во врска со евентуалниот договор за прашањето за името.

Имаме некои технички работи кои треба да се решат. Јас сум од самиот почеток позитивен и оптимист, не би сакал да давам детали. Верувам дека ќе го најдеме решението. Штом се отстранат овие технички пречки, веднаш ќе се случи и телефонскиот разговор, и во најбрз можен рок ќе можеме да го објавиме сето тоа што е договорено, за да ги процесуираме понатаму во самите постапки, рече Заев, кој присуствуваше на почетокот на градежните работи за изградба на експресен пат Радовиш-Штип.

Според него, конечна цел на Владата е да стигне навремено пред сесијата на Европскиот совет, заради тоа што тогаш ќе се одлучува за добивање на датум за отпочнување на преговори за Македонија. Заев потврди дека во Преспа би требало да биде потпишувањето на договорот.

Тоа е желба уште од Давос. Затоа премиерот Ципрас ја повторува. Јас само можам да ја потврдам. Секако, во овој момент тоа што го разговараа усно министрите за надворешни работи на Република Македонија и на Република Грција треба да биде преточено во правен документ, треба одредени детали јас и премиерот Ципрас да ги одлучиме со сите наши аргументации. Јас сум поддготвен за тој разговор, знам дека и тој е подготвен. Секако важно ни е како тоа ќе го објаснимена нашата македонска опозиција, за да има причина да ја повикаме да биде заедно со нас. Најважно е да им објасниме и на граѓаните на Република Македонија, но исто така, паралелно важно е, да им објасниме и на опозицијата во Грција како и на граѓаните на Република Грција. Секој договор има крајни аспирации не само да отстрани некој проблем,туку да биде алатка за зголемување на пријателството помеѓу двата народи, изјави Заев.

Тој засега, како што посочи, не сака да ги коментира информациите што ги пласираат грчките медиуми во однос на предлогот Република Северна Македонија.

Претходно дописничката на МИА од Атина ја пренесе изјавата на неименуван грчки владин претставник за агенцијата АНА-МПА, според која „по се изгледа се оддалечува можноста за договор во следните денови за решавање на спорот со името и дека ПЈРМ очигледно сe уште не е подготвена да одговори на се она што беше договорено во Брисел меѓу двајцата министри за надворешни работи“