Заев вели дека нема дивоградби во Чаир и во Центар

Сите се сеќаваме на неодамнешното филмско уривање на дивоградбата кај Мавровка, кое беше топ тема неколку дена, и кое власта го претстави како голем успех. Меѓутоа, сега власта смета дека нема да се уриваат другите дивоградби во општина Чаир, поточно во Скопска чаршија.

Имено, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам го достави извештајот до Владата во кој се наведува дека во пет згради открил дивоградби, како што се надградба на објекти, бесправно изградени делови и други неправилности. АлсатМ телевизија неофицијално го обезбеди извештајот на Инспекторатот во кој се вели дека во Парцелите број 9438 или поточно кај поранешна „Менада“, констатирано е надградба на постојната зграда и по административната постапка е донесена одлука за уривање на овој дел.

Меѓутоа владата заобиколувајќи го извештајот на Инспекторатот, одлучила дека дивоградбите во скопската чаршија засега да не се уриваат. На прашањето зошто владата донесе таква одлука, Заев вели дека тоа е сторено за да се избегнат други правни проблеми.

Инаку, Алсат пишува дека Инспекторатот оценува дека мерки треба да се преземат и во парцелата 8959 каде се наоѓа новата зграда на хотелот „ДОА“. И парцелата 8965 исто така се наоѓа во овој дел од чаршијата. Во извештајот на Инспекторатот за градежништво и урбанизам се наведува дека се пронајдени неправилности и во парцелата 9173/1, зградата што се гради зад хотел „Буши ресор“ и во парцелата 9317, која се наоѓа во Центарот на чаршијата, во близина на „Капан ан“ и за овие објекти процедурите се во тек.

И наместо локалната и централната власт да преземат мерки што побрзо да се срушат овие дивоградби во центарот на Скопје, тие си ја префрлуваат одговорноста едни на други, па така општините Центар и Чаир изјавија дека одговорноста паѓа на Министерството за транспорт и врски, бидејќи чаршијата е во надлежност на оваа институција.