Премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ вчера се пофали дека повеќе од пет високи политичари се во затвор и ги отслужуваат своите казни. Тој рече дека Владата го прифаќа извештајот на „Транспаренси интернешенел“ како поттик за да оди чекор по чекор според неговите насоки.
Заев нагласи дека владеењето на правото и еднаквоста пред законите важи за сите без исклучок и додаде дека Владата постојано ги следи укажувањата и препораките на независните антикорупциски тела.
– Имаме повеќе од пет високи политичари кои се во затвор со конечна одлука од Основен и Апелациски суд и кои веќе ги отслужуваат своите казни. Ова е голем успех во споредба со периодот од пред четири години и тоа е многу очигледно. Секој граѓанин може да го следи трошењето на државните пари, сите процедури за набавка се јавни пред да се потпишат и да отпочнат. Сега во главниот фокус ни е дигитализацијата, бидејќи преку неа сакаме да го промениме субјективното однесување на јавната администрација – посочи Заев.
На новинарско прашање, премиерот Заев информираше дека и понатаму се истражуваат сите легални начини како поранешниот премиер Груевски да биде вратен назад, со цел да ја отслужи казната изречена од судот.
– Сакам да истакнам дека и многу екс министри кои биле луѓе блиски на оваа власт, ги отслужуваат своите казни или се на суд. Имаме многу случаи кои потврдуваат дека владеењето на правото е еднакво за сите. Во нашата земја секој коментар може да покрене истрага. Антикорупциската комисија има комплетна независност и тоа е потврдено во сите извештаи. Имаме целосна независност и на судските органи и на органите на прогонот. Побаравме одговорност и од судиите и 12 судии се отповикани поради лошо работење во нивниот мандат – потенцира Заев.