Заев вмрежен со рускиот бизнисмен кој финансира про-руски партии и протести!

Вмреженост помеѓу македонската Влада и висок функционер на партијата ЛДП со компаниите на контроверзниот руски бизнисмен Иван Савидис, кој е посочен како главен финансиер на про-руските активности во Македонија, објави  „Економски Лидер“ во своето истражување за ширењето на руското влијание во земјава.

Истражувањето на „Лидер“, поврзано со Савидис е инспирирано од пишувањата на европската истражувачка мрежа Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP) која во јули годинава објави дека според документи од македонското Министерство за внатрешни работи, рускиот бизнисмен, кој живее во Грција, платил 300.000 евра на македонски политичари, членови на новоформирани националистички организации и навивачи за политички активности во земјава.

Савидис се поврзува со финансирање на групи кои работат за интересите на авторитарната Руска Федерација и нејзиниот водач Владимир Путин, а дека мешал прсти во Македонија, кратко по објавата на OCCRP потврди и премиерот Зоран Заев во интервјуото за американската агенција „Базфид“ во кое заборави да каже дека и тој самиот е поврзан со луѓе на Савидис.

-Проруски грчки бизнисмени им плаќале на Македонци од 13 до 21 000 долари за да предизвикаат насилни протести пред клучниот референдум за името. – рече премиерот Заев за „Базфид“.

Четири месеци по оваа изјава на премиерот, од  МВР нема никакви информации за истрагата во која имаше и сведочења како се примале парите од рускиот бизнисмен кој живее во Грција. Од тогаш во јавноста нема никакви детали околу активностите на демонстрантите кои тврдеа и дека истите структури се вмешани во настаните од 27 април.

Савидис сепак е повеќе поврзан со власта на Заев, отколку со навивачите!

Нашето истражување за тоа какви се активностите на мрежата на Савидис во Македонија, покажува дека пред да е поврзан со навивачите, тој е поврзан со Владата, премиерот Заев и висок функционер на партијата ЛДП која е дел од владејачката коалиција.

Компанијата на Иван Савидис, „СЕКЕ АД Грција“ има свој тутунски комбинат во Крушево, кој пред еден месец беше посетен токму од премиерот Заев. Претходно Заев говореше дека рускиот бизнисмен финансира протести, за потоа да ја фали неговата компанија како успешен пример.

Заедно со Заев, се чини, курсот го сменија и провладините медиуми, кои наеднаш престанаа да пишуваат за него а заедно со власта, оркестрирано “руското влијание“ и го препишуваат на опозицијата.

-Ова исто така е и одраз на пријателството коешто го градиме. Македонија има огромен потенцијал на тутун и мило ми е што фабриката ќе придонесе за посигурен откуп на тутунот – изјави премиерот Заев при неговата посета на „СЕКЕ“, компанија на рускиот бизнисмен Иван Савидис.

При неговата посета на компанијата, премиерот беше заедно со Панајотис Теранидис, човек од висока доверба на Савидис, кој ги води неговите бизниси во Грција и Македонија.

„СЕКЕ“ на Савидис не може да функционира без потписот на човек на власта, од ЛДП!

Вкрстените проверки на „Економски Лидер“ во Управата за јавни приходи и Централниот Регистар, покажуваат енормно зголемување на приходите на „СЕКЕ“ и Савидис во Македонија по доаѓањето на Зоран Заев и СДСМ на власт. Во 2017, годината во која СДСМ дојде на власт, компанијата има вкупни приходи од 416.146.669 денари или околу 6.8 милиони евра. Во претходната 2016-та, компанијата имала далеку помал приход од вкупно 95.500.581 денари или околу 1.5 милиони евра.

Проверката во Централниот Регистар пак, покажува дека покрај Теренидис, во управувачките структури на „СЕКЕ“ како втор директор се јавува гркот Александрос Контос а прокурист, без чиј потпис не може да се реализира ништо во компанијата, е прилепчанецот Јане Станкоски.

Обично странските компании поставуваат прокуристи за со нивниот потпис, без кој не може ништо, да ја контролираат работата на менаџерите од земјата, но, во овој случај е обратно па менаџерите од странство се контролирани од прокурист од земјата што отвора сомнеж дека некој од овде е партнер во комбинатот „СЕКЕ“ без да биде впишан во централниот регистар.

Скандалот добива уште поголеми размери ако се има предвид дека до пред само неколку месеци прокуристот на фирмата на Савидис беше директор на Државниот земјоделски инспекторат (ДЗИ), поставен токму од владата на премиерот Заев, а по предлог на Либерално демократската партија (ЛДП)во која е на функција. По повлекувањето од ДЗИ, Станкоски се преселува директно во компанијата на Иван Савидис, каде што е прокурист од 12 јуни годинава.

Во прилепската јавност, Станкоски важи за личност од исклучителна доверба на премиерот, со кој заедно се има појавувано и во телевизиски настапи веднаш до министерот за земјоделство Љупче Николовски.

Јане Станкоски, помеѓу премиерот Зоран Заев и министерот за земјоделие Љупче Николоски

Заев е редовен гостин во хотелот на Савидис

Иван Савидис е добар пријател со Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, кој добива речиси безусловна поддршка – главно во финансии – за време на секој изборен циклус. Бутарис пак, важеше за една од главните фигури во периодот на затоплувањето на односите помеѓу Македонија и Грција кои резултираа токму со потпишување на договорот од Преспа. Градоначалникот на Солун влече семејно потекло од влашка фамилија од Крушево, градот во кој се наоѓа комбинатот на Савидис.

Контроверзниот руски бизнисмен поседува два хотели од кој едниот е „Македониа палас“ во Солун, каде во неколку наврати престојуваше и Зоран Заев откако стана премиер. Еднаш на тричасовна средба со Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, каде, како што тогаш пишуваа провладините медиуми, во опуштена атмосфера со морски плодови и сортно вино, тие разговарале за односите помеѓу двата народи.

„Македонија Палас“, хотел на Савидис

Втората посета на Заев во хотелот на Иван Савидис беше за време на прославата на Новогодишната вечер во 2018 година, кога тој на покана на Бутарис (која тој ја негираше подоцна), ја прослави „најлудата вечер“ во друштво на својот брат Вице Заев и неколку негови соработници со поубавите половини.

Новогодишната вечер на владата и фамилијата во хотелот „Македонија Палас“

Кој е Иван Савидис?

Еминентниот бизнис магазин „Forbes“ во 2013-та година го смести Савидис на 30-то место најбогати луѓе на светот. Како поранешен пратеник во руската Дума и член на партијата на Путин „Единствена Русија“, важи за близок човек до претседателот на Русија, авторитарниот Владимир Путин. Сегашното богатство му се проценува на 1.9 милијарди долари.

Честитка од претседателот на Русија, Владимир Путин до Иван Савидис

Савидис е роден во 1959 година во Грузија. Има грчки корени, важи за кавкаски Грк, заедница која пред налетот на турскиот аскер бегала во Русија и Грузија. Од раната младост се занимава со тутун, а занаетот го усовршил во фабрика за тутун. Со текот на годините се стекнува со титула доктор на науки и станува еден од најпрочуените руски бизнисмени во сферата на тутунот. Паралелно го засакал и фудбалот, па во минатото бил прв човек на руските клубови „Ростов“, „СКА Ростов“ и „Виктор Понеделник Футбол Академија“.

Во 2012. година го спасува ПАОК од сигурна пропаст – клубот бил задолжен „до гуша“ а Савидис платил 11 милиони евра долгови и станал претседател. Сопственик е на фабриката „Don State Tobacco Factory“ подоцна преименувана во „Donskoy Tabak“. Савидис е и добар пријател со грчкиот премиер Алексис Ципрас кој за него вели дека е „Робин Худ“.

-Иван е еден од нас. За разлика од ’однародените тајкуни и богаташи кои својот имот го наследуваат и баш им е гајле, Савидис самиот го создал и и го дава на Грција, вложува во неа. –  изјави Ципрас пред неколку години.

Иван Савидис и Алексис Ципрас

Од 2012 година Иван Савидис станува претседател на Бордот на холдингот „Agrokom Group“ основан осум години претходно. Има негови фирми во месната индустрија, во земјдолеието, во продажбата на риба. Савидис поседува и компанија која што е сопственик на телевизиски канали „Мега“, „Ипсилон ТВ“ и „Е Канал“ и два весници „Етнос“ и „Имерсиа“. Поседува и голем уддел во солунското пристаниште.

Тој има и фондација која помага во реставрација на православни објекти и промоција на културолошки, образовни и научни проекти. Во 2017 година заедно со министерот за одбрана Панос Каменос ја предводеше делегацијата на Грција во Белата Куќа на средба со Трамп по повод Грчкиот ден на независноста, а во Њујорк заедно со градоначалникот Бил де Блазио и грчката парада по повод независноста.

Иван Савидис со пиштол влета на фудбалски натпревар

Савидис стана познат на европската јавност по тоа што незадоволен од судењето на натпреварот кој го играше неговиот фудбалски клуб ПАОК со АЕК, со пиштол влета на теренот по што беше отстранет од обезбедувањето. Фудбалската федерација на Грција за ова го казни парично со 100.000 евра и му забрани да се појавува на фудбалски натпревари во наредните три години.