Заев врши притисок на пратениците кои се за рушење на владата, обвинува ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот Зоран Заев и луѓето околу него вршат притисок на пратениците кои се за рушење на владата.

– Губитникот Заев да оствари барем едно ветување, да си поднесе оставка и да престанат заканите кон пратениците кои ја рушат владата. Девети ден, откако Заев требаше да биде заминат, а тој наместо да си поднесе оставка се крие. И додека се крие Заев, луѓе околу него, и тој лично вршат притисоци врз пратениците кои ја рушат владата. Притисоците на Заев не даваат плод, народот веќе еднаш ги порази неговите притисоци на 31 октомври, ќе ги порази пак – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата  оценува дека колку повеќе СДСМ притиска и се заканува, толку повеќе народот се разгневува и казната и падот ќе бидат политички фатални за СДСМ.

– Ги повикуваме и пратениците од СДСМ кои не се согласуваат со политиките на Заев, со криминалот, корупцијата и рекетот на една тесна клика која ја заробила и нивната партија, да се охрабрат и да изгласаат недоверба на владата. Време е државата да се ослободи од Заев и тесната клика околу него која го држи целиот систем во заложништво – велат од ВМРО-ДПМНЕ.