Заев за марихуаната: Во Македонија како во Амстердам

Идејата, вели премиерот Заев, е да се даде можност во туристичките места, вклучително и во Скопје, кафулињата постојни и нови, со почитување на одредени стандарди- вентилација, доказ за потекло на марихуаната и слично, да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив. Тоа може да привлече многу туристи, смета премиерот.

„Кога при крајот на нашиот разговор го прашувам за идејата за легализација на марихуаната, во премиерското столче седнува ‘друг‘ Зоран Заев. Одеднаш, истиот Заев, кому до пред малку со ‘клешти‘ му ги вадев зборовите во надеж дека ќе извлечам нешто ‘за наслов‘, почнува да реди наслови како машините во старите, добри новинарски печатници“, вели новинарот на Дојче веле на македонски јазик и цитира дека премиерот му одговорил: „Тоа е дел од еден поширок економски пакет во којшто полагаме голема надеж“.

Нему, како што пишува новинарот, не му пречи сугестијата во прашањето „ќе правиме ли Амстердам од Скопје?“.

Напротив, ја прифаќа со обете раце:

„Зошто да не! Целта е токму тоа. Да биде контролирано како во Амстердам и многу други градови во светот. Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и во Скопје, кафулињата постојни и нови, со почитување на одредени стандарди- вентилација, доказ за потекло на марихуаната и слично, да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив”.

Заев смета дека на една мала земја како Македонија, тоа може да донесе сериозен развој на туризмот.