Премиерот Зоран Заев во Кавадарци во вторникот, придружуван од вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, се сретна лозарите на кои им порача дека е дојден да разговараме за решавањето на еден од најсериозните проблеми и да најдат заедничко решение.
„Оваа година состојбата со лозарството е тешка, затоа што затворени се угостителските објекти подолг период и дома, но и во земјите кои ни се традиционални партнери и тоа предизвика да имаме 55 милиони литра вино во визбите, за разлика од лани овој период кога имаше 30-35 милиони литри. Тоа предизвикува загрижувачка состојба за сите нас. Оваа година имаме и болест, околу 20 до 30 отсто од лозовите насади се зафатени со болеста ‘бутритис’, којашто секако предизвикуваат одредено опаѓање на грозјето и намалување на приносите, но секако и таму каде што го има грозјето, заради дождовите кои беа пред десетина, петнаесет и дваесет дена предивикуваат повисоки приноси на делот на грозјето. Денес сме во Кавадарци да изнајдеме фер решение, кое ќе биде фер за лозарите, за визбите и за државата, затоа што само на тој начин верувам дека државата чесно ќе им служи на своите граѓани. Чесно се поставивме уште со креирањето на ребалансот на буџетот во месец мај, пред изборите. Предвидовме буџетски средства, знаејќи дека ќе дојдеме до ваква тешка состојба и денеска сме овде заедно со лозарите да поразговараме за решение на конкретниот проблем’, истакна премиерот Заев.
Додаде дека веќе е договорена откупната цена на вранецот од 11 денари, додека за смедеревката од 9 денари, каде државата ќе интервенира со 2+2 денари, вкупно со 4 денари за да бидат постигнати конечните цени во приход за лозарите од 15 денари за вранец и 13 денари за Смедеревка.
„Дополнително утврдивме и смогнавме сили да најдеме 2 денари за високосортните грозја, како што е ризлингот и другите сорти, кадешто покриваме количина од 10 милиони литри, односно 10 милиони килограми, што е издаток од дополнителни 20 милиони денари. Целата оваа дополнителна интервенција на 80 милиони килограми (за Вранец и Смедеревка) и 10 милиони килограми за високо сортното грозје дополнително ќе ја чини државата околу 340 милиони денари или 5,5 милиони евра. Развивме метода која сѐ уште ја дискутираме, да помогнеме во субституција на транспортните трошоци на наливното и на флашираното вино, и тоа 20 отсто од транспортните трошоци за извоз на наливното вино и 30 отсто од транспортни трошоци за извоз на флашираното вино, коешто во просек е околу 400 евра по возило. Тоа вкупно, во државата, излегува некаде околу 1,5 милиони евра дополнителни субвенции, сѐ со конечна цел, да се пласираат сите тие залихи и за да можат самите визби да имаат поголем апсорбционен капацитет и секако поголем откуп на винското грозје“, додаде Заев.