Загадувачот нафтен кокс за Владата е поважен од здравјето на граѓаните!

Нетпрес вчера објави дека кај новата власт  постои расположение да им овозможи на компаниите „Фени Индустри“ и „Титан Цементарница Усје“, увоз на нафтен кокс без акцизи и покрај фактот дека нафтениот кокс е голем загадувач. А, токму заради заштита на животната средина во 2014 година, претходната власт воведе акцизи за неговиот увоз, како мерка за стимулација да се користат помалку загадувачки енергенси.

Уште тогаш имаше експресни реакции од компаниите кои користат нафтен кокс во процесот на производство. Се жалеа дека воведувањето на акцизата за петрол кокс, кај нас било преседан и тоа негативно ќе се одразело на конкурентноста на работењето на фабриките и нормално поголемите трошоци ќе се одразеле врз нивните финансиски резултати, сепак, станува збор за моќни финансиски гиганти во земјава.

Но, сега, во новата власт, веројатно гледаат погоден момент за згомемување на профитот на штета на здравјето на граѓаните, што  несомнено, за нив е многу побитно.

За сликата да биде појасна, складирањето и спалувањето на нафтениот кокс е многу деликатно. Ако се користи поевтин петрол кокс, тој содржи 9% сулфур. Неадекватното спалување, прениските температури на ложење и недостигот  на филтри овозможуваат честиците на нафтениот кокс да одат во атмосферата.

Многу истражувања укажуваат за неговиот голем негативен ефект врз околината и здравјето на луѓето. Со неговото спалување се создава големо количество на CO2, а содржи и значајна количина на сулфур.
Нафтениот кокс содржи и никел, кој во недозволени количини може да предизвика алергии, но може да биде и канцероген.

Исто така, содржи и ванадиум кој може да предизвика бронхитис, болести на белите дробови и иритација на слузокожата…

За да се намали неговото негативно влијание, процесот на соговорување на нафтениот кокс треба да се води во контролирани услови и со примена на сите мерки за заштита на околината.

Јасно е дека зголемената употреба на нафтениот кокс како гориво е поради ниската цена и неговта висока калориска вредност.

Евтина суровина класифицирана како „отпад“

Нафтениот кокс е класифициран како „отпад“, а општо познато е негативното влијани на нафтата врз животната средина. Така што, наместо новата власт да се концентрира на вистински реформи во екологијата, таа по примерот на популистичките мерки за укинување на она што е направено од претходната власт, најавува  дека чистиот воздух не е нејзин приоритет.

Дека Македонија е преседан во воведување акцизина нафтен кокс, не е точно. И во ЕУ постојат даноци за енергенси, а во некои земји и целосно е забранета употребата на нафтениот кокс во индустријата, особено што тој е многу позагадувачки од на пример мазутот.

Затоа и регулативата пропишана од Европска Унија за оданочување на енергенси, предвидува повисоки акцизи за нафтениот кокс, во однос на мазутот.

кокс

Енергетското оданочување во Финска, покрај транспонирањето на ЕУ Директивата, вклучува и национална регулатива за оданочување на енергенсите и државните резерви.

финска

Во Грција, пак,  строго се конролира употребата на нафтен кокс, а мазутот дури е забранет за користење за централно греење. Нафтениот кокс има високи концентрации на сулфур ( 4.5‐8 % ,а горниот лимит за мазут е 1 %), летечки пепел (0.9‐1.53 %, а мазутот 0.1 %), ванадиум (: 500‐2000 ppm, а мазутот 120 ppm). Исто така, нафтениот кокс содржи и тешки метали како никел (токсичен) 510 ppm, манган 40 ppm.

Во Грција индустриските инсталации може да користат само  дизел гориво, мазут, LPG, природен гас. А, со одлука е регулирана и можноста за дозвола за користење на нафтениот кокс, само ако некоја компанија побара дозвола за тоа, но при тоа треба да понуди детално објаснување (примери се компании за  производство на цигли во Лариса).

Глас против загадувањето само во зима

Загадувањето во земјава, секоја година, а оосбено во зимскииот период е алармантно. И се чини дека само тогаш јавноста и еколошките здруженија го креваат гласот против перманентните згадувачи на животната средина.

Освен индустријата, најмногу загадува високата концентрација на ПМ10 честици, издувните гасови од автомобилите, загревањето на дрва, но тука се и метеоролшките фактори, местополжбата, јачината и правецот на дување на ветерот…

Последниве години, има некој напредок во однос на кревање на свеста за неопходноста од заштита на животната средина, конкретни и решитени акции од локалните и централната власт, за жал нема.

Додека нашите градови котираат највисоко на листата на најзагадени места во Европа, па и во светот, најголемата вина за тоа несомнено можеме да им препуштиме на властите кои не доволно активно се вклучуваат во решавањето на овој проблем. Нивниот однос е особено „посебен“ со големите индустриски гиганти кои се дел од токсичниот мозаик одговорен за лошиот воздух што го дишат граѓаните во Скопје, Тетово, Кавадарци, Куманово…

Иако, големите индустриски капацитети, со Закон се обврзани да добијат интегрирани еколошки дозволи, што подразбира вградување на инсталации кои ги намалуваат  емисиите што ги испуштаат капацитетите во животната средина, се’ уште до крај не е минимизирано нивното учество во загадување на амбиенталниот воздух и животната средина.