Сопственикот и претседател на англискиот фудбалски клуб Милвол, 70-годишниот Џон Берилсон загина во сообраќајна несреќа, објави клубот на својата интернет страница.
Берилсон, кој е роден во Бостон, ги остави сопругата Ејми и децата Џенифер, Џејмс и Елизабет. Не се познати деталите за несреќата, само дека се работи за „трагична несреќа“.
„Со колективно скршено срце и најдлабоко жалење ја објавуваме смртта на нашиот сакан сопственик и претседател Џон Берилсон. Тој беше навистина голем човек, неверојатно посветен на своето семејство и личност со таква неверојатна дарежливост, топлина и љубезност. Живееше богат живот, полн со бои и радост. Под страсно раководство на Џон, фудбалскиот клуб Милвол постигна огромен успех и стабилност“, соопштија од клубот од стадионот „Ден“.
Американскиот бизнисмен првпат се приклучи на клубот Чемпионшип со седиште во југоисточен Лондон во 2006 година. Тој ја презеде функцијата откако клубот испадна во третата лига, а во последните години Милвол е стандарден учесник во Чемпионшип.
„ЕФЛ е шокирана и тажна од оваа вест и изразува најдлабоко сочувство до семејството на Џон и сите поврзани со Милвол“, објави англиската фудбалска лига на Твитер.
Се огласи и поранешниот дефанзивец на Милвол, Алан Дан, кој забележа речиси 350 настапи за клубот.
„Моето најдлабоко сочувство не само до мојот долгогодишен претседател, туку и до мојот пријател“, напиша Дан на Твитер.