Индија ќе започне истрага за железничката несреќа во која загинаа девет лица, а беа повредени над 50 лица во Западен Бенгал, еден ден откако висок железнички функционер, Јаја Варма Синха, го обвини машиновозачот за несреќата.
Бројот на загинати е намален од 15, на 9, по несреќата во понеделникот, кога товарен воз се судри со патнички воз кој се движел кон Калкута, пренесува Ројтерс.
„Истрагата ќе опфати изјави на очевидци, преглед на официјални документи и изјави на железничките службеници во врска со сигнализацијата и други задолжителни безбедносни прашања“, рече Четан Кумар Сривастава, генерален директор на Североисточната гранична железница, каде што се случи несреќата.
Високиот функционер на индиската железница вчера изјави дека машиновозачот на товарниот воз, кој бил меѓу загинатите, го игнорирал сигналот, што го предизвикало судирот со патничкиот воз.
Лидерите на индиската опозиција ја критикуваа безбедноста на железницата и ја препишуваат на невнимание. Инцидентот доаѓа нешто повеќе од една година откако околу 288 луѓе загинаа во една од најтешките железнички несреќи во Индија, предизвикана од дефект на сигнализацијата.
Државните железници во Индија се познати по метежите, а се четврта по големина железничка мрежа во светот, превезувајќи 13 милиони луѓе дневно, заедно со речиси 1,5 милијарди тони товар, според податоците во 2022 година.