Четворицата пилоти кои минатата недела загинаа кај индустриската зона во Струмица, вежбале ноќно летање со помош на специјални очила набавени од израелската компанија „Елбит“, пишува Утрински весник. Станува збор за посебни визири за ноќно летање, кои се почесто се користат за вечерни летови, а со чија помош пилотите имаат одлична прегледност на теренот. Пилотите велат дека со помош на овие очила за ноќно летање, пилотирањето е олеснето. Сепак, додаваат тие, мора да се има предвид дека опсегот кој се опфаќа со гледањето преку овие очила е помал, поради што е можно да дојде до создавање сенки или до незабележување на одредени препреки што можат да се појават пред хеликоптерот за време на летот.
Најголем проблем е појавата на светлосно загадување. Станува збор за проблем кој се појавува во текот на ноќнотo летање во близина на осветлени места, особено над градовите или над многу осветлени објекти. Очилата се одлични кога пилотот лета во темнина, но светлината при летање со очила може многу да му пречи, велат пилотите кои имале искуство со летање со полицискиот хеликоптер „ми-17“ и кои користеле опрема за ноќно летање.
Со очилата се добива инфрацрвена ноќна визија на пределот и објектите кои се надлетуваат. Очилата кои сега се користат се погломазни, вградени во шлем. Токму затоа „Елбит системи“ неодамна го претставија својот најнов скајленс- дисплеј, во облик на очила, кој е дизајниран за да им овозможи на пилотите појасна и зголемена слика на просторот над кој летаат. Оваа најнова технологија ќе им овозможи полесно летање без да се потпираат на инструментите од Контролата на летање на аеродромите. Станува збор за неверојатно лесни и тенки очила, кои можат да се користат и за дневни и за ноќни летови, но и за лоши временски услови.
Системот на „Елбит“ се состои од специјално стакло, кое ќе може да се вгради во пилотските очила и е опремено со висока резолуција на екранот со цел обезбедување лесен пристап до податоците, симболите и видеоснимките.
Овој систем ќе може да се догради на постојните авиони и хеликоптери.
Софистицираните очила за ноќно летање, кои ги користеле и пилотите на МВР, се само дел од опремата која била вградена во неколкуте хеликоптери „ми-17“ што полицијата ги набави во 2009 година.
Целиот текст прочитајте го тука.