Во саботата на Кајмакчалан загинатите македонски планинари биле членови на планинарското друштво „Трансверзалец – Скопје“, кое и е организатор на планинарската тура, а несреќата се случила најверојатно по пад во бездна.
Од планинарското друштево за Слободен печат потврдуваат за инцидентот со двајца негови членови и додаваат дека иако планинаската тура не е тешка, но оти сепак веројатно густата магла е причината поради којашто планинарите кои се одвоиле од групата се загубиле.
Засега од друштвото не може да дадат повеќе информации, бидејќи другите нивни членови кои биле дел од групата која броела педесет луѓе сѐ уште се во Грција.
Грчките медиуми јавуваат дека се пронајдени телата на заталкани планинари, маж на 35 и девојка на 25 години, во областа Свети Илија на Кајмакчалан. Се смета дека се туристи кои се изгубиле низ планината одделувајќи се од група планинари. Ја минале македонската граница и навлегле на територија на Грција.
Грчките спасувачи учествувале со три возила и тринаесет пожарникари и други специјалисти за нивно извлекување.
„Извлечени се телата на двајцата планинари од Македонија од врвот Кајмакчалан и се симнуваат кон скијачкиот центар каде што доктори од итната служба ќе треба да констатираат дека момчето и девојката од Македонија се мртви“, дознава МИА од грчката противпожарна служба.
Две лица, планинари од Македонија, загинаа на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе во Грција, најверојатно по пад во бездна.
Според информациите на МИА од Атина, најверојатно станува збор за 25-годишна девојка и 35 годишен маж, планинари кои биле во група од околу 50 лица во областа Агиос Атанасиос, Пела,а се разделиле од групата и се загубиле.
Грчката противпожарна служба, вчера добила повик за помош и од 14.30 часот, започнала спасувачката акција со три возила и 13 спасувачи. Доцна во ноќта, планинарите биле лоцирани во непрооден дел, но за жал не давале знаци на живот. По лоцирањето на местото каде што паднале двајцата планинари, од рано утрово, траеше акцијата на грчките пожарникари за извлекување на телата на планинарите.