Загреб очекува Македонија да почне преговори со ЕУ до крајот на годинава

Хрватските власти изразија поддршка за членство на Северна Македонија во ЕУ и очекуваат првата Меѓувалдина конференција меѓу земјава и Унијата да се одржи до крајот на годинава, додека во исто време од Скопје упатени пораки дека се очекува Бугарија и во иднина да продолжи да биде голем поддржувач за нашите евроатлантски интеграции, а ЕУ во односот кон земјава да покаже дека е заедница на вредности и принципи.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вчера престојуваше во посета на Загреб, порача дека Хрватска цврсто го поддржува пристапувањето на земјава во Унијата и очекува до крајот на годината да се одржи Меѓувладината конференција Северна Македонија – ЕУ, што ќе означи старт на преговорите за членство,

– Хрватска цврсто ја поддржува Северна Македонија како држава – кандидатка за членство во ЕУ и очекува дека брзо ќе почне процесот за отворање на преговорите. Хрватска очекува дека до крајот на годината, за време на германското претседателство со ЕУ, ќе биде свикана Меѓувладината конференција заради отворање на преговорите – истакна Пленковиќ.

Поддршката од Загреб за евроинтеграцијата на земјава е потврдена и на средбата на Османи со неговиот хрватски колега Горан Грлиќ Радман., на која е оценето дека продолжувањето на политиката на проширување на Унијата ќе биде позитивен сигнал за целиот Регион, како суштински интерес и на земјите членки на ЕУ за европски Западен Балкан.

Хрватската поддршка следи отакако и Словенија, која Османи ја посети во понеделникот, изрази силна поддршка за македонскиот евроинтеграциски процес и испрати јасна порака за одржување на Меѓувладината конференција до крајот на годината.

Во исто време, од Скопје премиерот Зоран Заев изрази уверување дека Бугарија, која и досега беше голем поддржувач на нашите евроатлантски интеграции, ќе продолжи да не поддржува и во иднина и дека во прака ќе се потврдат изјавите од Софија за таквата голема поддршка.