Загриженост во НАТО од можна руска поддршка за воeните и нуклеарни програми на Северна Кореја

НАТО е загрижен околу поддршката којашто Русија би можела да ги пружи за ракетните и нуклеарните програми на Северна Кореја, изјави во вторникот вечерта шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, коментирајќи ја првата посета на Путин на нуклеарно вооружената земја во последните 24 години.

Пред остварувањето на неговата посета и разговорите со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, Путин вети дека ќе ги продлабочи трговските и безбедносните врски и ќе ја поддржи Северна Кореја против САД, близок сојузник на нејзиниот лут противник Јужна Кореја.

САД ја обвинија Северна Кореја дека ѝ испорачувала на Русија „десетици балистички ракети и преку единаесет илјади парчиња муниција“ кои треба да се употребат во Украина, што и Москва и Пјонгјанг одлучно го отфрлија.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничкиот прес-брифинг по разговорот со американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека руската војна во Украина ја поддржуваат Кина, Северна Кореја и Иран, „кои посакуваат пад на НАТО“.

„Исто така, ние сме загрижени за можната поддршка што Русија би можела да ја даде на Северна Кореја, кога станува збор за поддршката за нејзината ракетна и нуклеарна програма“, рече Столтенберг.

Додаде дека тоа, заедно со поддршката на Кина за воената економија на Русија, покажува дека безбедносните прашања во Европа се поврзани со Азија, и додаде дека самитот на НАТО, кој ќе се одржи следниот месец во Вашингтон, ќе ги зајакне врските на НАТО со Австралија Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија.

Всушност, привлекувањето на земјите од азиско-пацифички регион кон Северноатлантскиот воен пакт започна уште пред неколку години, а лани резултираше со отворањето на првото претставништво на НАТО во Јапонија, како и од пред повеќе години создавањето на заедничката разузнавачка заедница меѓу трите членки на Алијансата – САД, Велика Британија и Канада со Австралија и Нов Зеланд, како и нивно интензивно вооружување.

Столтенберг рече и дека Кина во одреден момент треба да се соочи со „последици“.

„Тие не можат да продолжат да имаат нормални трговски односи со земјите во Европа додека истовремено ја поддржуваат најголемата војна во Европа од Втората светска војна“, рече шефот на НАТО во заминување.

Столтенберг рече дека сè уште не е можно да се знаат какви се последиците, но дека тоа е „прашање што треба да се реши бидејќи не може да продолжи вака“.

На брифингот со Столтенберг, Блинкен рече дека патувањето на Путин во Пјонгјанг е показател дека тој „очајно“ сака да ги зајакне односите со земјите кои можат да ја поддржат неговата војна во Украина. Тврдеше без да изложи ниеден релевантен податок и доказ, дека наводната воена поддршка на Кина ѝ овозможила на Русија да ја задржи својата одбранбена индустриска база со снабдување на Москва со 70 отсто од увозот на машински алати и 90 отсто од микроелектрониката.