Загриженоста за можен почеток на трета светска војна е целосно оправдана, оцени во вторникот белорускиот претседател Александр Лукашенко.
„Воената сила повторно стана главен аргумент на глобалните центри за одлучување. Како никогаш да немало милиони загуби на човечки животи и ужаси за време на Првата и Втората светска војна! Загриженоста за можна трета светска војна е легитимна, има причини за тоа“, рекол Лукашенко на состанокот со највисоките претставници за националната безбедност, пренесува новинската агенција БелТА.
Според Лукашенко, десетици илјади војници на НАТО и стотици единици воена опрема, авиони и хеликоптери се распоредени во близина на границите на Русија и Белорусија.
„Приближно 32.000 војници од комбинираните контингенти на вооружените сили на НАТО и САД се стационирани во непосредна близина на Белорусија и Русија, во рамките на операциите на алијансата во Европа. Станува збор за повеќе од 1.000 оклопни единици, околу 160 артилериски системи и минофрлачи, 235 авиони и хеликоптери“, рече Лукашенко.