Загриженоста за побарувачката ја задржа нафтата под 84 долари

Цените на нафтата останаа на нивото под 84 долари на меѓународните пазари во петокот, бидејќи слабата вработеност во САД ја поттикна загриженоста за побарувачката, неутрализирајќи ги сигналите од главните производители дека може да ја намалат понудата во втората половина од годината.

На лондонскиот пазар во попладневното тргување цената на барелот за испораките во јули беше речиси непроменета во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 83,84 долари. Позначителни промени немаше ниту на американскиот пазар, каде што со барелот за испораки во јуни се тргува по 79,01 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички нанафта (OPEC) објави дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во четвртокот поевтинил за 2,94 долари на 84,23 долари.

Трговците беа загрижени оваа седмица од пораките од американската централна банка дека може да го одложат намалувањето на каматните стапки поради упорно високата инфлација. Се стравува дека зголемените трошоци за задолжување на подолг временски период би можеле да го забават растот на активноста во САД, но и во други делови од светот, што би можело да ја намали побарувачката на енергенси.

„Сметаме дека распродажбата во изминатите два дена е колатерална штета на прилагодувањата на цените на шпекулациите за одлуките на Fed и не е поврзана со темелните фактори (понудата и побарувачката)“, напишаа во белешката аналитичарите на „JP Morgan“.

Цените беа поддржани од индициите дека OPEC и нејзините сојузници големи независни произведувачи предводени од Русија би можеле да ја намалат понудата во втората половина од годината доколку побарувачката не се зголеми, според три извора на Reuters. Моментално го намалуваат за 2,2 милиони барели дневно.

„JP Morgan“ проценува дека таканаречениот картел OPEC+ би можел да продолжи да ја ограничува понудата, шпекулирајќи дека најверојатно се загрижени од порастот на залихите во април, што е невообичаено за овој период од годината. Групацијата ќе ја разгледа производната политика на состанокот закажан за 1 јуни.

Во петокот во попладневното тргување вниманието се пренасочи на извештајот за вработувањето во САД. Податоците покажаа дека работодавците отвориле значително помалку нови работни места во март од просекот во претходните 12 месеци, што ја поттикна загриженоста за побарувачката.