Првите на линијата на битката со смртоносниот коронавирус се и на најизложени на заразата. Без соодветна опрема и заштита докторите и медицинските сестри за кратко може да премина на другата страна од болничките кревети.
Од вкупно 177 заразени од коронавирусот во Македонија, 14 од нив се доктори и медицински лица. Од денеска ново регистрираните болни петмина се здравствени работници од Клиниката за кожни болести. Заразата им ја пренесе токму нивната директорка Нина Цаца Билјановска, која откако се вратила од скијање во Италија иако имала симптоми на болеста продолжила да оди на работа, а држела и предавање на симпозиум за дерматолози во Скопје.
„Не можеме сите да ги тестираме одеднаш затоа што ќе се угуши капацитетот за другите материјали кои што стигнуваат, сега се тестирани 30 и ќе стигне бројката до некаде 180 или 190 луѓе кои беа во самоизолација“, посочи министерот.
Ова значи дека бројот на заразени доктори во земјава може да порасние во следните денови.
Тројца од заразените медицински работници се од болницата во Куманово, двајца од Кавадарци, а четворица од Дебар.
Опозицијата од почетокот на ширењето на болеста во земјава предупредува дека докторите во Македонија нема соодветна заштита при работа со болните пациенти.
„12% од заболените со корона се доктори и здравствен персонал, што говори дека здравствениот систем кој треба да го штити народот, не е доволно заштитен. А не е заштитен затоа што Заев и Спасовски ги оставија лекарите голораки да се борат против короната, додека Филипче е посветен на тендери, а Заев како да си го дуплира богатството на империјата Заев“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Но, министерот за здравство Венко Филипче уверува дека докторите имаат заштита. Го демантираат голем дел од лекарите.
„Дајте превземете најстроги метки се дури уште може да ја контролираме состојбата. Паралелно здравствените работници немаат никаква заштита, кубуриме само со неколку ракавици и по 1-2 маски за цел работен ден. Во мојата болница сосипани сме и со персонал, има само 4 интернисти!“, пишува на Фејсбук, доктор Гоце Христов од болницата во Струмица.