Поранешниот градоначалник на општина Штип, Илчо Захариев вели дека обвинението за Спортскиот рекреативен центар „Брегалница“ е лажно, откако МВР денеска поднесе кривична пријава против него.
Против него, како и за И.И.(55) вршител на должност директор на Јавното претпријатие „Стипион 2011“ – Штип е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување како и за две кривични дела несовесно работење во службата. Според полицијата, Захариев и И.И. во периодот од 27.10.2015 до 12.07.2016 година во повеќе наврати ја злоупотребиле својата службена положба и овластување.
Имено градоначалникот издал Одобрение и Наредба за отстранување на објекти околу градскиот базен Штип, како и продажба на истиот, без да добие согласност од Советот на општина Штип.
-За просторот каде беа објектите на „Штипион“ донесен е Детален урбанистички план усвоен од Советот на општина Штип. Изработен е проект СРЦ „Брегалница“ финансиран преку германската влада и источен плански регион- изјави Захариев.
Според него, продажбата на базенот и останатите парцели се со одлука на Советот на општината.
– ЈП„Штипион“ со одлука на совет доби нови простории во Новакова чешма, поранешни магацини на АРМ. Целата постапка за продажба и отстранување на објектите кои беа руина е спроведена законски. Општината инкасираше околу 600.000 евра од продажбата на земјиштето. Реализацијата на СРЦ Брегалница е од голем интерес за градот Штип- се вели во реакцијата.
Захариев е уверен дека и оваа, како што вели, лажна кривична пријава ќе биде отфрлена.