Интересот на Бугарија е Македонија да се реформира, а Договорот за добрососедство во кој што се вклучени и основните човекови права да стане дел од Преговарачката рамка, е ставот на поранешната бугарска министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, која сега е заменик претседател на Комисија за надворешна политика во Народното собрание на Бугарија.
Во интервју за агенцијата БГНЕС, Захариева вели дека фокусот на Македонија не бил да започне преговори со ЕУ, туку бугарските барања да не влезат во Преговарачката рамка.
„Со РСМ имаме нерешени билатерални прашања и според Скопје, тие прашања се билатерални и за нив нема место во Преговарачката рамка. Напротив. Правото на самоопределување е европска вредност, тоа е човеково право. Исполнувањето на Договорот во кој што има фундаментални човекови права исто така треба да биде дел од Преговарачката рамка. Мојот апел до министерката Теодора Генчовска е: Не ја заборавајте Преговарачката рамка“, изјави Захариева.
Таа ја предупреди актуелната Влада да биде повнимателна во очекувањата во однос на Македонија.
„Вие знаете колку пати низ годините Бугарија подавала рака, колку пати дури сме ги затворале очите, надевајќи се дека со подадена рака, благ тон и добри намери работите ќе се сменат и ќе одат на подобро. За жал, тие не само што не одат на подобро, туку имаме еден чекор напред и три назад, не два. Моето искуство и искуството на бугарската политика низ годините и на многу влади до сега е дека колку повеќе ги подигнуваме очекувањата толку потешко ќе биде да постигнеме напредок и толку потешко ќе им биде на преговарачките тимови да постигнат нешто“, објаснува Захариева.
Во однос на испратената нота за краткото и долгото име на Македонија вели дека не е лош потег и не е за потценување.
„Таа нота многу пати е најавувана, тоа го кажуваше и премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи. Убаво е што тоа се случи, но подвлекувам, додека не е договорено сѐ, ништо не е договорено“, изјави таа.
Според неа, голем успех би бил ако гаранциите кои ги бара Бугарија се вклучат во Преговарачката рамка.
„Фокусот на Скопје беше, не да започнат преговорите со ЕУ, туку да не се вклучат бугарските барања во Преговарачката рамка. Да го направат прашањето билатерално. Но, тоа не е само билатерално, туку е европско. Нашата цел е да опстоиме дека прашањето е европско“, изјави Захариева и додаде дека бугарски интерес е Северна Македонија да се реформира, а единствениот морков со кој располага сега Бугарија за тие реформи е Европската Унија.