Русија во петокот го отфрли таканаречениот „план за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рече дека планот нема никаква врска со потрагата по дипломатско или политичко решение за ставање крај на војната и го опиша како користољубив гамбит на Зеленски.
Зеленски во средата рече дека неговиот план, чии детали допрва треба да бидат откриени, бил финализиран по долги консултации. Тој треба да му го претстави на американскиот претседател Џо Бајден и да се обрати на состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации во вторник. Зеленски рече дека неговата иницијатива е дизајнирана да создаде прифатливи услови за Украина, која е во конфликт со Русија повеќе од две ипол години.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, им изјави на новинарите дека планот изгледа како користољубив гамбит на украинскиот челник, кого Москва го обвинува дека се обидува да го вовлече Западот во директна војна против Русија.
„Единствената цел е да се спречи распадот на антируската коалиција и тоа, се разбира, нема никаква врска со задачата да се најде политичко и дипломатско решение за ситуацијата во врска со Украина“, рече Захарова.
Таа го повтори ставот на Москва дека Западот треба да престане да го финансира и снабдува Киев со оружје и рече дека секоја иницијатива со наводна цел да се постигне мирно решение е бесмислена ако не ја вклучува Русија.
Истовремено, Захарова рече дека Москва е загрижена за, како што наведува, зголемените „провокативни“ активности на НАТО на границата со Белорусија и додаде дека не исклучува обиди за ескалација на конфликтот во регионот.
Москва, исто така, во петокот го прозва Западот за притисокот врз Кина поради Тајван, велејќи дека неговите „провокативни“ активности ја поткопуваат регионалната стабилност и меѓународната безбедност.
Захарова истакна дека Русија ги поддржува потезите на Кина насочени кон одбрана на нејзиниот суверенитет.
Кинеското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека продажбата на американско оружје на Тајван сериозно го прекршува принципот „една Кина“ и одредбите од заедничката официјална комуникација меѓу Кина и САД.
Кина во средата објави дека ќе преземе мерки против девет компании поврзани со американската војска за продажба на американско оружје на Тајван.