Захарова: Ставот на Макрон за НАТО ја одразува вистината

Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека НАТО е во состојба на мозочна смрт ја одразува вистината, напиша денеска на Фејсбук портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

– Колку е тоа точно. Изјавата ја одразува вистината. Тоа е јасна дефиниција на сегашната состојба на НАТО, оцени Захарова.

– Што точно Европа може да стори за контрола на својата судбина? Во 20. век имаше две војни, во 19. век и пред тоа – бесконечен број локални војни, како и активности на ширење идеи со помош на копја и мечеви, оцени портпаролката. Таа дополни дека процесите кои се случиле по потпишувањето на 14 точки од Вудро Вилсон, кои еволуирале за време на Втората светска војна и се развиле во економска и политичка интеграција на Европа, помогнале да се излезе на крај со главните задачи за запирање на бесконечните европски поделби. – Тие, исто така, доведоа и до криза на идентитетот и развојот, заклучи захарова.

Францускиот претседател Емануел Макрон во драматично интервју за списанието „Економист“ тврди дека НАТО се наоѓа во состојба на „мозочна смрт“, а Европа на работ на амбис.

Во интервјуто Макрон ги предупредува европските земји членки дека веќе не можат да се потпираат на САД , односно дека од САД веќе не може да се очекува да застанат во одбрана на земјите членки на Алијансата.