Зајакнатата трговска соработка носи нови турски инвестиции во Македонија

Во првиот квартал од 2014 година трговската размена меѓу Македонија и Турција е зголемена за 20 отсто во споредба со истиот период минатата година и за во идниот период, оваа динамика е знак за позитивен раст, рече на денешниот македонско-турски бизнис форум во Стопанската комора, Софче Јовановска, директор на Дирекцијата за регионални комори и меѓународна соработка.

Јовановска истакна дека турските независни индустријалци и бизнисмени се заинтересирани за трговија, инвестиции и заедничка соработка во текстилната, градежната, автомобилската, како и прехранбена индустрија.

„Растот на трговската размена е причината зошто турските индустријалци и бизнисмени се повеќе инвестираат во Македонија. Турција не и овозможува на Македонија само зголемување на бројката на извозот, туку и и отвора врати кон нови пазари, како што е Блискиот Исток. Колку за напомена, во првиот квартал забележан е економски раст за 20 отсто, односно размена на 152 милиони долари, од кои 26 милиони се извоз во Турција, а 126 милиони долари се увоз во Македонија“, рече Јовановска.

Халит Инчи, Претседателот на одборот на директори на Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) Сакарија, рече дека турските бизнисмени најмногу се заинтересирани за инвестиции, но и заедничка соработка во секторите производство на машини, текстил, производство на челични конструкции, рударство, градежништво, како и прехранбена индустрија. Инчи додаде дека зголемената економска размена која се покажала во првиот квартал од 2014 година е мотив повеќе за турските бизнисмени да соработуваат и инвестираат во Македонија.

Шенол Туркилмаз, комерцијален советник на Амбасадата на Турција во Македонија, додаде дека трговската размена на Сакарија е само една третина од целокупниот извоз на Македонија.

Илхан Ак, генералниот директор на „Ак челик“ смета дека железничкиот сообраќај на Македонија има огромен потенцијал на развиток. Тој со својата компанија ги гледа можностите за инвестирање токму во овој сектор.