Заканата за безбедноста на лекарите е и закана за грижата за пациентите

Со цел подигнување на свеста за насилството врз лекарите и здравствените работници и поттикнување на преземање на мерки за негово намалување Лекарската комора се придружува кон одбележување на 12 Март, Европски ден против насилството врз здравствените работници, кој годинава се одбележува во четврти пат.

Светската здравствена организација известува дека до 38% од здравствените работници трпат физичко насилство во одреден момент од нивната кариера, а многу повеќе се изложени на вербална и онлајн злоупотреба. Таквата агресија може да има катастрофални последици, вклучувајќи и физички повреди, влијанија врз менталното здравје, а во најекстремните случаи, дури и смрт.

Во анкетата која Лекарската комора на спроведе минатата година 77,9 отсто од лекарите кои го одговорија анкетниот прашалник одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век. Од нив 79,9 отсто одговориле дека доживеале вербално насилство со викање и навредување, 34,5 отсто биле жртва на вербално насилство со закана дека ќе биде извршено и физичко насилство, 43 испитаници или 5,2 отсто биле изложени на физичко насилство без телесна повреда, а 13 испитаници или 1,6 отсто доживеале физичко насилство со телесна повреда.

„Здравствените работници неопходно е да се чувствуваат безбедни на работното место, ослободени од притисокот за нивно загрозување, со цел да можат оптимално и квалитетно да ги извршуваат своите работни обврски и непречено да ги лекуваат пациентите. Пациентите и докторите мора да негуваат  партнерски однос на доверба и соработка бидејќи тоа е најдобар пристап за нивно лекување. Затоа по повод одбележувањето на 12 Март,  Европскиот ден против насилството врз здравствените работници упатуваме апел за почитување на интегритетот и достоинството на докторите од страна на пациентите и системско решавање на проблемите кои се јавуваат без вклучување на вербално и физичко насилство“, истакнува проф. д-р Калина Гривчева Стаределова, претседател на Лекарската комора на РСМ.

Важен исчекор во нашата земја кон создавање на побезбедно окружување во здравствениот сектор е усвојувањето на измените на Кривичниот законик со кои вербалното и физичкото насилство над лекарите и другите здравствени работници се смета за кривично дело “спречување службено лице во вршење службено дејствие” и соодветно ќе се казнува. Со новите измени во Кривичниот законик е одредено дека делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар или друг здравствен работник при вршење на нивните професионални задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години. Ова се очекува да биде обесхрабрување во изборот на насилството како решение на проблемите со кои се соочуваат пациентите.

Постојаниот комитет на европски лекари (CPME – The Standing Committee of European Doctors), каде Лекарската комора е постојан член во своето соопштение наведува дека насилството коегзистира со исцрпеноста, што е растечки фактор кој ги поттикнува здравствените професионалци да се одлучат за напуштање на здравствениот сектор. Комитетот ги повикуваме креаторите на политиките и пошироката јавност да помогнат во одржувањето на безбедноста на здравствените работници и ја повикува Европската комисија да ги поддржи владите со обезбедување  на правилници на потребните минимални капацитети за работна сила. Претседателот на Постојниот комитет д-р Кристијан Кајзер истакнува дека влијанието на насилството врз здравствените работници треба да биде препознато, бидејќи не влијае само на здравствениот кадар, туку и на грижата за пациентите. Неопходно е да се промовира култура на почит кон здравствените работници и да се обезбедат ресурси за известување и поддршка кога се случува насилство.

Лекарската комора и во иднина ќе продолжи со работа и силно ќе се залага да се подигне свеста за оваа важна тема, заедно со европските медицински организации и партнери во пошироката здравствената заедница.