Константинос Бовијацос, асистент на пратеникот во Европскиот парламент од грчката неофашистичка Златна Зора, Јоргос Епитидејос, денеска на седницата на Комитетот за надворешни работи на европскиот законодавен дом, упати закани кон дописникот на МИА од Брисел. Пред почетокот на седницата на која говорат шест министри за надворешни работи од земјите од Западен Балкан, меѓу кои и шефoт на македонската дипломатија Никола Попоски, Бовијацос дрско им се обрати на новинарите-дописници од земјите од регионот, меѓу кои и дописникот на МИА, дека не треба и не смеат да го користат името Македонија за Република Македонија, туку само ФИРОМ.
На забелешките на Аугустин Палокај, дописник на хрватски „Јутарњи лист”, на Славко Вукадин, дописник на Хрватската информативно-новинска агенција (ХИНА), како и на Бобан Нонковиќ од МИА дека уставно и официјално име на Македонија е Република Македонија и дека е наше право како ќе ја нарекуваме земјата, Бовијацос со закани: – „Ќе видите наскоро какво ќе биде името на земјата! Само ФИРОМ и никако друго, инаку ќе видите“, се закани Бовијацос.
Но, асистентот на генералнот-европратеник од грчката неофашистичка партија не застана тука. По ова директно му се обрати на дописникот на МИА од Брисел со зборовите: – „Ти ќе видиш надвор од зградата на Европарламентот!“, беа зборовите на Бовијацос.
Дописникот на МИА веднаш реагираше до надлежните служби на Европскиот парламент за ваквите закани и тие ветија дека ќе реагираат на ваквото непримерно однесување на Гркот.
Инаку, Константинос Бовијацос важи за еден од основачите на неофашистичката Златна зора и нејзин претставник за надворешни односи. Најпознат е по тоа што на почетокот на оваа година го потпиша договорот за соработка на „златнозорците“ со Златна Зора, кога е формирана и Златна Зора за Европа, чиј главен претставник е токму Бовијацос.