Закон без потпис од шефот на државата е противуставно објавен

Противуставно е објавување на закон без потпис од шефот на државата, одлучи Уставниот суд уште во ноември 1998-мата година.

Судот, постапувајќи по иницијатива поднесена за Законот за употреба на јазиците, тогаш го поништи и законот, односно неговата содржина, но и указот за објавување во Службен весник, кој се состоеше од два потписа, но од исто лице – собранискиот спикер.

Во улога на претседател на Собранието, Тито Петковски реши да го декретира Законот за знамињата без потпис од тогашниот претседател на државата Киро Глигоров. Петковски тврдеше дека Глигоров бил спречен да го потпише указот поради службено патување, но Уставниот суд категорично го отфрли ова образложение, јасно потенцирајќи дека Глигоров сѐ уште ја врши функцијата претседател на државата, па оттаму за да се прогласи закон, неопходен е и неговиот потпис.

Указот е потпишан од претседателот на Собранието на Република Македонија, во својство на претседател на државата, иако на претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши, се наведува во образложението на одлуката на Уставниот суд за поништување на указот за законот за употреба на знамиња.

Од судот додаваат дека уставотворецот предвидел кога претседателот на Собранието на Република Македонија може да ја врши функцијата на претседател на Републиката, па шефот на Собранието може да го замени шефот на државата само во три случаи:

Првиот случај се однесува на смрт, оставка, трајна спреченост или престанок на мандатот на претседателот на Републиката по сила на Уставот кога функцијата претседател на Републиката, до избор на нов претседател на Републиката, ја врши претседателот на Собранието.

Вториот случај се однесува на настапувањето на условите за престанок на функцијата претседател на Републиката што го утврдува Уставниот суд на Република Македонија по службена должност.

Третиот случај се однесува на спреченост на претседателот на Републиката да ја врши функцијата, кога го заменува претседателот на Собранието.

Според Судот, за конкретниот случај за законот за знамиња констатирал дека не е исполнет ниту еден од условите предвидени во Уставот кога функцијата претседател на Републиката може да ја врши претседателот на Собранието или тој да го заменува. Во ваков случај, претседателот на Собранието, не е овластен да го заменува шефот на државата.

Доколку се направи споредба со донесувањето на актуелниот Закон за јазици, би се очекувало Уставниот суд да ја потврди својата одлука, бидејќи Ѓорге Иванов сѐ уште ја извршува функцијата претседател на државата, а указот во Службен весник излезе без неговиот потпис. Иванов, неодамна преку писмена изјава, истакна дека законот стапил на сила во противуставна постапка.

Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потписна указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни. Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење, се вели во писмената изјава на претседателот.

Од друга страна ЈП „Службен весник“ соопшти дека објавувањето на Законот за јазиците е во согласност со Уставот иако претседателот Ѓорге Иванов не стави потпис на законот, повикувајќи се на членот 52, став 2 од Уставот, во кој се вели: „Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето“.

Спикерот Талат Џафери исто така се иззема од одговорност, истакнувајќи дека постапката е во согласност со Уставот, очигледно неделејќи го ставот со составот на Уставниот суд од 1998 година.

„Не чувствувам одговорност, сум презел сѐ во рамките на мојата надлежност, му дадов доволно време на претседателот за двата указа, но тој не ја исполни уставаната обврска и јас презедов сѐ во рамките на мојата интитуционална надлежност. Според процедурите, Иванов не го почитува Уставот и со тоа непочитување прави злоутреба на службената положба“, нагласи Џафери, повикувајќи се на членовите 52 и 75.

Засега не е познато дали Уставниот суд ќе решава за постапката за стапувањето на сила на Законот за јазиците.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најавија дека ќе покренат иницијатива за испитување на уставноста на содржината на законот.