Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) преговара со Владата без да биде вклучен другиот дел на фелата, односно оние коишто се членови на Македонската асоцијација на новинари (МАН), рече во саботата Слаѓана Димишкова од МАН на дебата за медиумскиот простор во Македонија.
Според Димишкова, МАН тоа го ценат како момент во којшто нема разговор со фелата, туку има разговор со истомисленици, што значи дека не е воспоставен дијалог околу она што тие го велат како реформи за медиумскиот сектор.
„Втората работа е тоа што практично тие одат на еден начин со свесно игнорирање на Македонската асоцијација на новинари, но не станува тука збор за асоцијација или организација која што се игнорира туку станува збор за игнорирање на мнозинството на новинари во Македонија коишто не можат да бидат исклучени од тој процес. Во контекстот на она што е повикан г-дин Ван Хауте да се вклучи во реформите за медиумите, тој доаѓаше неколку пати тука но јас не знам зошто едноставно е потребно да се викаат меѓународни претставници, затоа што ние во фелата многу добро знаеме што ни треба и како треба, ако некој сака да ни помогне, ние знаеме како функционира надвор, но ако некој сака едноставно да помогне може да земе новинари и да ги однесе да видат каква е праксата надвор. Да се делат совети како да ние тука сме паднати од Марс, мислам дека е несоодветно, а не знам од каде се квалификациите токму на г-дин Ван Хауте да ги реформира медиумите во Македонија затоа што ни се појавуваше како реформатор во повеќе области“, рече Димишкова.
Посочи дека МАН во последниот период кога се преговарало имала повеќе предлози.
„Ние имавме една интенција во Советот на Македонската Радио Телевизија и Агенцијата за медиуми, мнозинството да го претставуваат новинари, значи мнозинството да биде од фелата, кога велам од фелата мислам на МАН и ЗНМ, а малцинство да бидат тие кои теоретски ја следат оваа област или како што велат се јавност. Втората точка која ја предлагаме подразбира дека ние веќе подолго време имаме потреба, односно неопходност за регулирање на интернет просторот. Зошто регулирање на интернет просторот? Затоа што тоа е просторот каде што најмногу се шири говорот на омраза, клеветите, навредите, односно се врши еден вид на психолошки притисок практично врз медиумите и новинарите. Како трета точка би го издвоила моментот со печатените медиуми. Тоа веќе беше предложено од наша страна и еве сега повторно го предлагаме. Сметаме дека неопходно данокот да се тргне во делот на набавка на хартијата кај печатените медиуми и Владата да направи некаков фонд-буџет за печатените медиуми затоа што знаеме просторот на печатените медиуми во Македонија со што се соочува, не би сакала да биде навредливо во однос на другите но мислам дека новинарството, основата на новинарството и анализите е токму започнато од овој печатен простор. Некој ќе рече дека одиме кон визуелизација на медиумите, точно, одиме кон визуелизација на медиумите, но печатениот медиум односно печатените медиуми како такви сѐ уште постојат во медиумскиот простор“, додаде Димишкова.
Првиот човек на МАН рече дека преку Агенцијата за медиуми треба да се даде еден поттик, Агенцијата како една релевантна институција каде што ќе се обединат сите и преку неа да се дадат некакви награди, да се направи некаков поттик како за новинарите во делот на истражувањата така и за фоторепортерите, снимателите.
„Би сакала само на кратко да заклучам дека без ангажман МАН, уважување на ставовите на МАН односно игнорирање на поголемиот дел од фелата кој што ние го претставуваме, ние ќе излеземе со став дека се продолжува со режимското новинарсто кое ЗНМ толку го спомнуваше, само што разликата е што сега тие го употребуваат за својот режим“, заклучи Димишкова.