Законот за бранители на дневен ред на денешната собраниска седница

Пратениците на денешната седница во Собранието ја утврдија потребата по скратена постапка да се донесе предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој, како што рече Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ ќе се реализира предизборното ветување на владејачката партија за линеарно зголемување на пензиите. Предлог-законот со 71 глас „за“ стана дел од точките на дневниот ред на 14. седница, кој пратениците и по два часа од почетокот со работа сè уште го утврдуваат.

На барање на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски дневниот ред е дополнет и со предлог-законот за задолжување на државата со 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка. Во тек е пауза на барање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски, кој реагираше дека законот се предлага по скратена постапка, без претставник на Владата.

На дневен ред се и измените на Законот за локалната самоуправа со цел да се спречат предвремените избори во трите општини, Аеродром, Сарај и Гостивар, чии градоначалници по изборите во април станаа дел од извршната и од законодавната власт. Пратениците на СДСМ се изјаснија дека нема да го поддржат овој закон со образложение дека на граѓаните треба да им се овозможи да гласаат.

Претходно, Аднан Азизи од Вреди ги повика пратениците од оваа коалиција да ја напуштат седницата, откако реплицираше на процедурална забелешка на координаторот на ДУИ Блерим Беџети.

Беџети ги обвини Вреди за хипокризија со тоа што дозволиле законот за бранителите по скратена постапка на предлог на Славјанка Петровска од СДСМ да стане дел од дневниот ред.

– Европскиот фронт нема да го поддржи овој закон, но вие сте парламентарно мнозинство и требаше да стопирате ова да не се изгласа – рече Беџети.

Азизи, пак, посочи дека ДУИ биле долги години на власт и не го донеле законот за инвалидите на ОНА и нивните семејства, како и дека се обидуваат да враќаат националистички теми продавајќи патриотизам.