Законот за игри на среќа да не се турка со европско знаменце, порача Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски порача дека Владата не треба да брза со носењето на новиот Закон за игри на среќа и информира дека во текот на наредните денови треба да има средба со луѓето кои се дел од индустријата.

-Дебата за тоа прашање ни е потребна и апелирам Владата да не го турка предлог-законот со европско знаменце. Да оди во регуларна процедура за да можеме да ги соочиме ставовите и да видиме што е европски стандард и што е наш национален интерес и интерес на граѓаните. Многу луѓе се вработени во индустријата и луѓе кои заработуваат леб во тој бизнис. Треба да направиме баланс, но не верувам дека тоа ќе се случи ако се протрча низ парламентарната процедура. Често сме критикувани поради закони на кои ќе им закачите европско знаменце. Треба дебата која нема да трае три дена, одговори Пендаровски на новинарско прашање.

Владата неодамна го утврди Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии, во кој се предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри.