Законот за јазици пред Венецијанската комисија, експертите велат задоцнета е реакцијата

Владата денеска по низа перипетии го испрати Законот за јазици, како и текстот на членот 8 до Европската Комисија за демократија низ правото односно Венецијанската комисија за мислење. Владата бара од Комисијата да даде свој став дали Законот и членот 8 се во согласност со европските стандарди и владеењето на правото.

Премиерот Зоран Заев очекува дека набрзо ќе добијат одговор од Комисијата и најавува дека сите забелешки на Венецијанската Комисијата ќе бидат имплементирани во Законот иако истиот веќе е донесен и стапен на сила.

„Како и што пред повеќе од една година,кога почна дебатата за законот за јазиците, ги прифативме сугестиите за да ги отстраниме резервите на кој било граѓанин, така и сега велиме дека по изгласувањето, објавувањето и испраќањето на законот и по укажувањето на Венецијанската комисија, секое укажување ќе биде вградено“, вели Заев.

Но, експертите велат испраќањето на Законот до Комисијата сега откако е донесена е задоцнета реакција и генерално непочитување на Комисијата.

Професорката Тања Каракамишева, која е претставник на Република Македонија во Комисијата, вели дека Законот требаше да биде испратен пред да биде донесен со цел да се дадат забелешки и истите да бидат вградени во предлог законското решение.

„Вака, пост фестум откако законот е веќе донесен Владата покажува непочитување кон мислењата на Комисијата. Претпоставувам дека на Владата не и се брза за мислењето бидејќи законот веќе неуставно и незаконски стапи на сила, така што веројатно и во самото писмо таа нема наведено дека прашањето е итно за разгледување. Ако не е итно прашање Комисијата оди по редовниот тек, ќе формира група од известители кои ќе треба да подготват нацрт-мислење кое потоа го разгледуваат членовите од подкомисијата и потоа оди на Пленарна сесија“, вели професорката Каракамишева во однос на испраќањето на Законот до Венецијанската Комисија.

Инаку, Владата го испраќа Законот само ден откако вицепремиерот Бујар Османи го обелодени својот став дека легислативата воопшто и не треба да биде упатена за мислење до Комисијата, а уште помалку бидејќи во неа членува професорката Каракамишева.

Инаку, членот 8 којшто е испратен во Венецијанската комисија се однесува на тоа дали албанскиот јазик треба да се најде и на парите и униформите на безбедносните служби.