Законот за кредитот што Македонија треба да го земе од Унгарија помина на владина седница, а многу скоро ќе се најде и пред пратениците.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, откако ќе помине во Собрание, министерката за финансии ќе отпатува во Унгарија каде ќе го потпише договорот.
– Условите се оние што ги зборуваме – 3,25 проценти каматна стапка, три години грејс период, на 24 полугодишни рати кои ќе се плаќаат секој февруари и секој август. Моментално тоа се услови што не можеме ни приближно да ги обезбедиме на било кој друг пазар – рече Мицкоски по денешната прес-конференција во Владата.
Кредитот, како што посочи, има развојна компонента затоа што дел ќе оди за развој на стопанството и на општините.
Македонија чека 500 милиони евра од Унгарија за кои веќе Мицкоски ги објави условите, но како што потенцираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посакувани се и дополнителни пари од Унгарија на почетокот на годината, затоа што на 25 јануари 2025 година доспева за наплата еврообврзница од 500 милиони евра.