Законот за нефер трговски практики, наместо да го реши проблемот со дивеење на цените, отвора многу дилеми и проблеми

-Прашање е зошто од 2019 година чекавме досега за да го решиме овој проблем, односно Законот за нефер трговски практики. Дотолку повеќе кога министерот за економија излезе и рече дека ова е решение за проблемот со дивеење на цените. Оттука, граѓаните ја доживуваат оваа голгота со нестабилни цени, голема инфлација посебно со храната, рече Здравко Трајанов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата Аргумент плус на телевизија 24.

Трајанов посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има забелешки на Законот бидејќи во истиот има недоречености и за тоа треба да се дискутира.
„Несериозно е да речете дека овој Закон ќе го реши проблемот, а од друга страна да давате период од 6 месеци за адаптација. Или, ако е добар. требаше да помине, но не е така како што кажуваат“, кажа тој.

Со Законот, според него, ќе се направи прилагодување со европските регулативи, и тоа е добро, но од друга страна кај нас се настојува да се вметне регулација на цени и тука има сериозни забелешки и отворени прашања.

„Зошто некои од понудените решенија не се докажани, спорно е што во Законот нема никаде да сретнете маржа. Министерството за економија оди со поимот рабат, и го дефинира на 10 проценти, вклучувајќи ги сите трошоци во однос на се она што ќе се направи како трошок од страна на купувачот и ќе се признае како крајна цена. Прашањето е дали сите производи, односно за сите, може да ставиме урамниловка и да ги ставиме во тој рабат од 10 проценти, плус трошоци, затоа што има многу различни производи. Едни имаат многу повеќе директни трошоци во синџирот на снабдување, а од друга страна има производи кои имаат многу помалку трошоци. Таа урамниловка не е добра и треба да се размисли“, рече Трајанов.

Пратеникот објасни дека се дозволува на купувачот да даде крајна цена и во рамки на истата да ги објасни трошоците кои ќе настанат за да во натамошна фаза.

„И тука сега како купувачи не се појавуваат граѓаните, туку фирми кои понатаму го препродаваат производот и ќе може да манипулираат со крајните цени. Тоа мора да се среди со амандманско решение“, вели Трајанов.

Министерството за економија, според него, ја нема листата за кои производи се однесува овој Закон.

„Во синџирот на снабдување треба да бидат задоволни сите, но со Законот тоа не е можно, затоа што проблемот со цените не е решен“, заклучи Трајанов.