Законски решенија кои водат кон затворање на игрите на среќа, ќе создадат негативни социјални ефекти и загуби за државата

Измените на Законот за игрите на среќа кои наводно би требало да превенираат учество на младите во игрите на среќа, всушност ќе направат многу поголема штета, затоа што од една добро регулирана, игрите на среќа ќе прераснат во нерегулирана гранка каде државата ќе нема никаква контрола врз малолетниците, вели во интервју за Локално, претседателот на АСОМ, Васко Илијевски.

„Постоечкиот Закон за игри на среќа строго го регулира пристапот и учеството на малолетници во игрите на среќа. Согласно член 20 од законот „лицата под 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа“ и дополнително со став 3 од истиот член „на лицата помлади од 18 години не им е дозволен влез во простории во кои се приредуваат игрите на среќа“. Спортските обложувалници целосно ги почитуваат овие законски одредби и во однос на ова, нема компромис. “ – потенцира Илијевски и додава дека радикални законски решенија кои водат кон забрани и затворање на пазарот на игрите на среќа, многу брзо ќе создадат бројни социјални негативни ефекти и огромни финансиски загуби за државата.

Од АСОМ постојано укажуваат дека ваквиот закон ќе отвори сива економија и ќе создаде контраефект. Прво, ја отвора можноста за отворање на диви обложувалници, проблем кој сега не постои и со сегашниот закон е целосно ставен под контрола. Најлошо што може да се случи за нашите млади и за нас како општество е да дозволиме да се развие сива економија и да ги оттурнеме нашите граѓани да бараат алтернативни начини за играње.

„Според долгогодишните искуства на развиените земји, вклучувајќи ја и ЕУ, единствената ефективна заштита на малолетниците е целосна забрана за пристап до објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и високи казни за прекршителите, а ние веќе имаме такво законско решение кое се спроведува ефикасно и во целост.  Според нас, она на што треба да се размислува не се рестрикции туку кампањи за свесност, програми за едукација и сл. Токму во тој контекст, неодамна под слоганот „Играј Одговорно“ започнавме кампања за одговорно спортско обложување. Кампањата има за цел подигнување на свесноста за одговорно спортско обложување и едукација на играчите дека спортското обложување е начин за игра и забава, а не нешто од кое треба да се очекува заработка и егзистенција. “- вели Илјевски.

Од Асоцијацијата велат дека доколку се донесе предлог законот во оваа форма, на улица остануваат над 3.500 вработени во спортските обложувалници, а повеќе од 8.000 во целата стопанска гранка.

„Предлогот за воведување на физичка дистанца на објектите на игри на среќа од образовните институции е целосно неприфатлив. 500 метри значи затворање на над 98% од спортските обложувалници, согласно нашите прецизни анализи кои ги правевме целиот изминат период.  Од друга страна, се предлага заголемување на ионака највисоките даноци кои ги плаќаме во Европа заради зголемување на средства во буџетот. Едното со другото е целосно контардикторно. Ваквиот предлог закон тоа нема да го постигне бидејќи ќе се затвораат објектите, даноците ќе ги нема, а државата ќе изгуби над 250 милиони евра по сите основи, со кои игрите на среќа придонесуваат во државниот буџет. Ваквиот закон директно ќе ја зголеми младинската невработеност и ќе остави без перспектива многу млади луѓе“ – нагласува Илијевски.

На досегашните обиди на АСОМ за конструктивен дијалог со институциите и вклучување на сите засегнати страни во процесот во унапредување на регулативата, за сега нема одговор.

„Ние како АСОМ сите изминати месеци делувавме конструктивно и доставивме предлози за унапредување на сите аспекти на работењето на индустријата и во интерес на сите чинители. Нашите предлози беа токму во делот на покачување на приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување, поголема безбедност за играчите, едукација, како и трикратно повисоки казни за приредувачите кои ќе ги прекршат законите. Дадовме целосно правно и економски издржани предлози за унапредување и подобрување на индустријата. Ништо од тоа досега не е прифатено. Досега за жал, и покрај барањата на АСОМ за средба во Владата и Министерството за финансии, нема одговор. Kрајно е нејасно зошто и покрај сите конструктивни обиди од наша страна да реализираме состанок со претставниците на Владата, а посебно Министерството за финансии не вродија со плод и зошто сме игнорирани земајќи предвид дека сме најголемата асоцијација која претставува 90% од сите обложувалници. Она што ние го бараме е стопирање на целиот процес на носење на овој предлог закон и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на нов предлог закон по европски терк како и транспарентна дискусија што и доликува на земја со европски аспирации“ – се вели во интервјуто.