Закрепнување на технолошкиот сектор на Волстрит

На Волстрит, индексот S&P 500 порасна во вторникот, како и индексот Nasdaq, најмногу благодарение на закрепнувањето на цените на акциите во технолошкиот сектор, по остриот пад претходниот ден.

Индексот Dow Jones порасна за 0,31 отсто, на 44.850 поени, додека S&P 500 порасна за 0,92 отсто на 6.067 поени, а индексот Nasdaq за 2,03 отсто, на 19.733 поени.

Индексот на технолошкиот сектор S&P 500 порасна за 3,6 отсто, а индексот на секторот производители на чипови за 1,1 отсто. Така, овие сектори вратија дел од загубите од претходниот ден, кога беа потресени од веста дека кинескиот стартап „DeepSeek“ разви апликација базирана на вештачка интелигенција која можеби е подобра од американските конкуренти, а и поевтина. Ова ја доведе во прашање тезата дека САД го предводат светот во развојот на вештачката интелигенција.

Откако претходниот ден потона за 17 отсто, цената на акцијата на „Nvidia“, најголемиот светски производител на чипови за вештачка интелигенција, вчера порасна за речиси 9 отсто.

И покрај закрепнувањето на пазарот, инвеститорите се внимателни, на што укажува и падот на обемот на тргувањето. Вчера на американските берзи се сменија околу 13,8 милијарди акции, а претходниот повеќе од 17 милијарди.

Инвеститорите се фокусираат и на кварталните деловни резултати на компаниите, како и на состанокот на лидерите на американската централна банка. Не се очекува Fed да ги намали каматните стапки, но инвеститорите внимателно ќе ја анализираат изјавата на челникот на централната банка.

Цените на акциите вчера пораснаа и на повеќето европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 0,35 отсто, на 8.533 поени, додека франкфуртски DAX за 0,70 отсто, на 21.430 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,12 отсто, на 7.897 поени.