Залудни се манипулациите на Царовска, слушнавме како СДСМ работеле на задушување на протестот, вели Митева

Концептот на Царовска за дигитализација со кој ќе ги укине печатените учебници е дискриминаторски и пред се ќе има негативни последици врз развојот, но и социјални и економски поделби кај учениците, истакна Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.

-Илјадници ученици ќе имаат нееднакви можности, заради оваa штетна идеја на власта и Царовска.

ВМРО-ДПМНЕ е против укинување на печатените и хартиени учебници и употреба исклучиво на дигитални учебници. Печатениот учебник мора да остане прв и примарен избор за сите ученици, додека воведувањето на дигитален учебник единствено е прифатливо доколку се користи како помошен материјал за дополнување на знаењето.

Воедно ВМРО-ДПМНЕ исто така е против годишни корекции на учебниците, чекор кој не само што ќе создаде забуна и негативен однос кон научните факти, туку отвора можност за политички измени кои немаат никаква врска со реалноста и науката.

Креирањето на учебници по мерка на политиката е одлика само на тоталитарни режими, а упорноста на Царовска го потврдува истото.

Јавноста во тоа се увери и по аудио снимката на која се слуша како партиски активист на СДСМ се пофали дека работеле на задушување на демократското право на протест против идејата на власта за ваков модел на дигитализација.

Залудни се манипулациите на Царовска со програмата на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи тоа што министерката заборави да го каже е дека ВМРО-ДПМНЕ никаде и никогаш не предвиде укинување на печатените учебници како прв избор во образованието.

ВМРО-ДПМНЕ направи платформа на која се поставени учебници во ПДФ формат, што беше прв чекор пред дигитални учебници. ВМРО-ДПМНЕ спроведе проект „Компјутер за секое дете“. ВМРО-ДПМНЕ почна електронско вмрежување во образовниот систем и ВМРО-ДПМНЕ воведе е-дневник. А тогаш, сите овие работи, СДСМ ги критикуваше и се жестоко се противеше.

Доколку Царовска сака развој на учениците и еднаквост тогаш треба да се откаже од оваа идеја. Печатени учебници во овој момент во Македонија и треба и мора да има.