Началникот и главен командант на украинската војска Валериј Залужни повика на „целосно нов државен систем за технолошко вооружување“ во напис објавен во четвртокот, откако неколку западни медиуми известија претходните денови дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе го замени од функцијата.
Во авторскиот напис за веб-страницата на американската телевизска мрежа CNN, генералот Залужни не го споменува раздорот со Зеленски или можноста тој да ја напушти должноста. Американските медиуми наведуваат дека украинскиот генерал ја напишал статијата пред „очекуваното соопштение за негово разрешување“.
Претходнно CNN цитираше извор кој рекол дека се очекува Зеленски да го објави неговото разрешување во следните неколку дена, што ќе биде најголемиот потрес во украинската војска од почетокот на руската инвазија.
Залужни во написот вели дека Украина мора да најде нови начини и способности за да добие предност пред Русија во војната, која се приближува да навелзе во третата година.
„Предизвикот за нашите вооружени сили не може да се потцени. Неопходно е да се создаде нов државен систем на технолошко вооружување. Имајќи предвид сѐ во моментов, веруваме дека таков систем може да се создаде за пет месеци. Нашите партнери ја делат нашата позиција“, пишува Заслужни.
Нагласува дека Украина треба да произведе повеќе беспилотни летала.
„Системите без екипаж – како што се беспилотните летала – заедно со другите видови напредно оружје се клучни, обезбедувајќи го најдобриот начин Украина да избегне да биде вовлечена во рововска војна каде што немаме предност“, признава Заслужни.
Ја критикуваше, како што вели, „неможноста“ на државните институции да го подигнат нивото на персонал во вооружените сили без прибегнување кон „непопуларни мерки“. Исто така, ги напаѓа „несовршеностите“ на регулаторната рамка на земјата и делумната „монополизација“ на одбранбената индустрија, што, според него, довело до тесни грла во производството на муниција.
Залужни, познат по прекарот „Железниот генерал“, признава дека Киев мора да се помири со намалувањето на воената поддршка од клучните сојузници, кои, како што наведува, се занимаваат со сопствени политички проблеми.
„Залихите на проектили, противвоздушна одбрана и артилериска муниција на нашите партнери сѐ повеќе се исцрпуваат поради интензитетот на борбите во Украина, но и поради глобалниот недостиг од погонски полнења“, вели генералот.
Во текот на војната со Русија, Залужни кој има советско и руско воено образование, повремено пишуваше написи во западните медиуми и, како и во неговата последна објава во ноември, тој повторно ја истакна потребата од пробивна технологија на бојното поле.
„Нашата цел е да го искористиме моментот – да ги максимизираме нашите борбени способности за да користиме помалку средства за да нанесеме максимална штета“, истакнува Заслужни.