Замалек пред жестока казна поради недоаѓање на дербито против Ал Ахли

Египетската фудбалска федерација EFA во вторникот најави дека извонредно строго ќе го казни каирскиот великан Замалек поради недоаѓање на големото првенствено дерби против градскиот ривал Ал Ахли, кое требаше да се одигра во понеделникот.

Од федерацијата им се извинија на навивачите поради неодигрувањето на натпреварот, и најавија дисциплински мерки против Замалек.

Играчите на Замалек не се појавија на мечот во понеделникот, со тоа протестирајќи против ригорозните санкции кои им се израчени на фудбалери и клупски функционери на двата клуба поради тепачката која избувна по натпреварот од египетскиот Суперкуп одиграна минатата седмица во Абу Даби, а која заврши со победа на Замалек по подоброто изведување на пеналите.

Меѓу казнетите е и контроверзниот претседател на Змалек, Мортада Мансур, кој веднаш по изрекувањето на казната најави дека неговиот тим нема да игра во понеделникот. Се чинеше дека Мансур, сепак, попуштил најавувајќи на денот на натпреварот дека против Ал Ахли ќе заигра јуниорскиот тим на Замалек, но тоа не се случи.

Првичното доцнење на екипата на Замалек беше оправдано со состојбата во сообраќајниот метеж на пат кон стадионот, но откако ниту по еден час по предвидениот почеток на мечот играчите не стасаа на стадионот на Ал Ахли, средбата беше откажана.

„Истрагата покажа дека не постоеле пречки поради коишто автобусот на Замалек не би стасал на дестинацијата“, објавија од EFA.

Ривалитетот меѓу Ал Ахли и Замалек датира уште од 1917 година, и се смета за еден од најжестоките во фудбалскиот свет.