Владата на РМ денеска ја разгледа и усвои информацијата за отворање почесен конзулат на Мексико во Република Македонија, со седиште во Скопје, и даде согласност на предлогот на Мексико за именување на г-дин Енвер Малиќи за Почесен конзул на Мексико во Република Македонија.
Енвер Малиќи беше назначен за заменик-градоначалник од страна на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, веднаш по стапувањето на функција. Тој е советник на ДУИ и беше втор на советничката листа на овие локални избори. Малиќи е еден од најбогатите регистрирани сопственици и стопанственици на листата членки на Стопанска комора на Северозападна Македонија, но и воопшто, еден од најбогатите во државата. Енвер Малиќи е сопственик на компанијата Гемак Трејд, која во регистарот на Стопанска комора се води како средна компанија којашто се занимава со трговија.
На официјалната страница на оваа компанија стои дека Гемак Трејд е приватно трговско претпријатие основано во 1991 година. Започнува со трговија, увоз и дистрибуција на електрични апарати и потрошувачки добра, како и акцизни производи вклучувајќи и duty free бизнис во периодот од 1991 до 1994. Во тоа време Гемак отвора и продажна мрежа на престижни продавници низ Скопје.
Со затворањето на DFS во 1994, Гемак се реорганизира во дистрибутерска куќа фокусирана на домашниот пазар, за производи од реномирани познати светски фирми кои самостојно ги увезува. Во 1997 се здобива со ексклузивитет за увоз и дистрибуција на истите, и со нив и денес успешно работи. Гемак во 2001 отвора својa сестринска фирма и во Приштина. Гекос, претставништвото на Гемак на Косово, се занимава со дистрибуција на истите брендови кои се дистрибуирани во Македонија.
Гемак Траде во моментот е една од најголемите дистрибутерски куќи во земјата и работи со неколку програми на светски познати производи . Увозник на странски алкохолни пијалоци и цигари, меѓу другото.
Во моментов вработува над 80 високо мотивирани кадри, поседува канцелариски простор во центарот на Скопје, 800м2 на магацински простор и мрежа на сопствени возила кои се користат во секојдневната дистрибуција на производите.
Во 2010 година Гемак Трејд е прогласена за најуспешна компанија во северозападна Македонија со вкупен промет од речиси 3 милијарди денари.
Во истиот период, тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски, објави листа на даночни должници, меѓу кои Гемак Трејд, како еден од најголемите даночни затајувачи.
Трајковски обелодени дека Малиќи и должи на државата 52,5 милиони денари. Тогаш како даночен затајувач беше посочен и Бајруш Сејдиу -со два милиони евра неплатен данок. Кај овие лица постои имот кој е несразмерен на оданочени приходи, утврди тогаш УЈП.
Енвер Малиќи е сопственик на четири автомобили од брендот Ферари . Жолто “Ферари 458 Италија“, кое е купено за 240.000 евра, спортско – елегантниот “Ферари 599 ГТБ“, “Ферари 458 Италија“ и “Ферари Ф430“, купено за 160.000 евра во 2005 година.
Малиќи е соптвеник и на новиот Парк Хотел и Спа, кој се наоѓа на кејот на Вардар, зад градскиот стадион во Скопје.Парк хотелот е единствен луксузен хотел во земјава кој е уреден со внимателни уникатни дизајнерски решенија кои се посебно осмислени за секој квадрат од хотелот.
Парк Хотел и Спа-Скопје е најновата инвестиција на домашната компанија Гемак Трејд . Вкупната инвестиција во изградба на хотелот и хотелскиот комплекс изнесува околу 15 милиони евра.
Оваа локација има и посебна симболика за сопственикот на Гемак, Енвер Малиќи, пишуваа медиумите.
Кога имав само 8 години моите постари браќа ме фрлија во Вардар иако не знаев да пливам. Успеав да се извлечам и научив една животна лекција која подоцна ме следеше во животот и го одреди мојот пат. Со силна волја и решителност секој може да се снајде и во најтешки ситуации и да го најде излезот. Оваа девиза ја применувам во моето работење и е дел од успехот на мојата компанија, која еве сега прославува 25 години. Токму затоа хотелот е еден симбол на успехот и новата додадена вредност на Гемак“, изјави Малиќи по отворањето на овој хотел.
Новиот Парк Хотел и Спа-Скопје располага со 80 луксузно уредени соби, кои се опремени со уникатни содржини.
Инаку, на предлог на Министерството за надворешни работи, на денешната седница владата разгледа Предлогот за именување на почесен конзул на Република Македонија во Република Косово, со седиште во Грачаница и го прифати предлогот на оваа позиција да биде именуван г-дин Расим Мрљаку, државјанин на Република Косово, во функција на воспоставување на потесна соработка со Република Македонија, пред сè на економски план.