Генералната секретарка на Советот за регионална соработка (RCC), Мајлинда Брегу, денеска изјави дека корупцијата е голем проблем во западнобалканските општества на патот кон Европската унија.
– Земјите од Западен Балкан мораат институционално да се справат со проблемот со корупцијата, но граѓаните, исто така, мора да го сменат однесувањето и да престанат да го сметаат за нормално да даваат подароци на некој што само си ја работи својата работа – рече таа во интервју за „Вијести“.
Мора да престане да биде социјално прифатливо луѓето да бараат врски или да плаќаат мито кога и да им треба нешто. И особено ние, како општество, мора да ги осудиме оние што го прават тоа. Особено оние на високи позиции, на позиции на моќ, кажа таа во интервјуто за црногорскиот весник.
Пред шест години, 15 проценти од граѓаните ја сметаа корупцијата за најголем проблем, а сега тој процент е 26 проценти, така што Брегу проценува дека тоа е „огромен раст што очигледно е предизвикан од евидентното зголемување на видливата корупција“, се наведува во соопштението на Советот за регионална соработка.
– Сега, во 2021 година, 54 отсто од луѓето во Западен Балкан веруваат дека познавањето на вистинските луѓе е клучно за напредокот во животот. Значи, тоа е она што луѓето го гледаат, го бараат и на што се стремат, ако не го најдат дома, тие се подготвени да го побараат на друго место – рече таа.
Колку побрзо се осврнеме на овие прашања, толку подобро за нас. Мора да се бориме да водиме нормален живот, да напредуваме и да се развиваме, за да можеме да ги чуваме нашите деца тука, дома, апелираше Брегу