Западните земји ја исклучуваат Русија од SWIFT

Сите руски банки кои веќе се на удар на санкциите на Западот, а доколку е потребно и другите руски банки, ќе бидат исклучени од SWIFT, соопшто ноќта кон неделата службата за односи со јавноста на германската влада по разговорите на западните челници одржани во саботата доцна вечерта.

Одлуката за зајакнување на санкциите ја донеле САД, Франција, Канада, Италија, Велика Британија, Германија и Европската комисија.

„Сите руски банки кои веќе се под санкциите на меѓународната заедница, а доколку е потребно и другите руски банки, ќе бидат исклучени од меѓународниот платежен систем SWIFT. Тоа има цел да ги изолира овие институции од меѓународните финансиски текови, што значително ќе ги ограничи нивните глобални активности“, се наведува во соопштението.

Покрај тоа, западните земји одлучиле да ја ограничат и можноста на централната Банка на Русија да го поддржува курсот на рубљата со меѓународни финансиски трансакции. Исто така, ќе биде елиминирана можноста богатите Руси да добиваат европски државјанства во замена за инвестиции во земјите.
.
Европската унија, заедно со своите партнери, исто така, има намера да им ја одземе можноста на руските „олигарси“ да ги користат нивните меѓународни финансиски средства, истакнува во писмена изјава шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Доколку Русија одбие да ја запре воената операција во Украина, можно е да бидат усвоени дополнителни санкци, додава германското министерство за финансии.

Под новите санкци се најголемите руски банки, како „Сбербанк“, „Газпромбанк“ и ВТБ. Голем број државни компании се оневозможени да привлекуваат странски капитал, а воведени се забрани и за увоз на технологии. Руските власти соопштија дека однапред имаат подготвен план за вонредни состојби во случај на нов бран санкции и ќе обезбедат потребна поддршка за секторите погодени од нив за непречено одвивање на економијата во земјата. Владата во Москва, рече дека развива и мерки за одговори, но засега не се објавени поединости.

 

Што е SWIFT

SWIFT, односно Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication, е глобалната финансиска артерија којашто овозможува непречен и брз трансфер на пари преку границите. Функционира како систем за брза размена на пораки со коишто корисниците се информираат кога парите се испратени и кога стасале на сметките.

Воспоставен е во 1973 година во Белгија и поврзува 11.000 банки и финансиски институции во повеќе од 200 земји и региони во светот. Низ него дневно минуваат повеќе од 40 милиони пораки и 1.000 милијарди долари трансакции на компании и влади. Се смета дека руските плаќања преку мрежата изнесуваат повеќе од 1 отсто од пораките.

 

Кој го контролира?

SWIFT-от заеднички го воспоставија американски и европски банки за ниедна од нив да не развие сопствен систем и со тоа да се стекне со монопол на прекуграничните парични трансакции.

Мрежата денес е во заедничка сопственост на повеќе од 2.000 банки и финансиски институции. Ја надгледува централната банка на Белгија во партнерство со водечките централни банки од целиот свет, при што доминираат американската Federal Reserve (Fed) и британска Bank of England (BoE).

SWIFT на своите членки им овозможува безбедна меѓународна трговија и не би требало да зазема страни во судири. Од SWIFT соопштија дека немаат влијание на санкциите и дека секоја одлука за нивното воведување останува на владите.

Но од SWIFT во 2012 година, во рамките на меѓународните санкции беа исклучени иранските банки поради развојот на иранската нуклеарна програма. Според процените Иран со тоа загубил половина од приходите од извозот на нафта и 30 отсто од приходите од меѓународната трговија. Но подоцна избија низа афери со европски банки кои учестувале во прикриени трансфери со Иран, а ЕУ подготви нов механизам за да го замени откако САД по истапувањето од нуклеарниот договор од 2015 година наметнаа иста мерка.

 

Како исклучувањето би влијаело на Русија?

Руските компании би го загубиле пристапот до вообичаените и моментални трансакци кои SWIFT го овозможува и тешко би ги наплатувале своите скапи енергенси, минерали и руди, како и земјоделските производи. Банките веројатно би морале директно да работат една со друга, што би предизвикало доцнење во трансакциите и дополнителни трошоци, и на руската влада би ѝ ги скратило приходите.

Русија во 2014 година за малку ќе останеше надвор од SWIFT, но откако Москва порача дека тоа би претставувало потег еднаков на објава на војна, Западот не ја спроведе заканата во дело.

Но во секој случај Русија разви алтернативен систем SPFS. На овој систем отпаѓаа околу петтина од трансакциите во Русија во 2020 година, според податоците на тамошната централна банка, која сака тој удел да го зголеми до 30 отсто во 2023 година. Меѓутоа, SPFS не успеа позначајно да се афирмира по прашањето на глобалните транскации, но непознато е дали би можел да направи пробив во новонастанатите услови.

За да се подготви за таква санкција, руската влада го воспостави Мир, Националниот систем за картични плаќања, но во моментов го користат многу малку земји.

 

Голем ризик

Исклучувањето на Русија од SWIFT би им наштетило и на компаниите коишто извезуваат стоки во Русија и купуваат од неа, особено на компаниите од Германија.

Поранешниот руски министер за финансии Алексеј Кудрин процени неодамна дека исклучувањето на Русија од SWIFT би можело да го намали нејзиниот бруто домашен производ (БДП) за 5 отсто.

Прашање е, исто така, дали блокирањето на пристапот до SWIFT на подолг рок би влијаело врз руската економија. Руските банки би можеле да ги пренасочат плаќањата преку земји кои на Русија не ѝ воведоа санкции, како што е Кина која има сопствен систем на плаќање. Индија, која е еден од најголемите купувачи на руско вооружување и нафта, прехтодно седмицава порача дека плаќањата со Русија во таков случај ќе ги изведува во рупии и рубљи.

Компаниите со побарување кон Русија, пак, би биле принудени да пронајдат алтернативни канали за наплата. Ризикот од хаос во меѓународниот банкарски систем едноставно е преголем, сметаат некои економски аналитичари.