Западот не може да си дозволи да ја интегрира Украина во НАТО, вели Орбан

Западните земји повеќе не можат да си дозволат да ја интегрираат Украина во НАТО, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за Такер Карлсон.

Во интервјуто, кое беше објавено на Х, порано познат како Твитер, во вторникот, унгарскиот премиер му рече на поранешниот водител на Фокс њуз дека имало реални шанси да се интегрира Украина во Северноатлантската алијанса на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Но, „немаше договор меѓу големите западни земји да го сторат тоа“, па идејата беше отфрлена, рече Орбан.

„Ја пропуштивме историската можност да го сториме тоа, да ги интегрираме Украинците во НАТО. Границата меѓу Русија и Украина која припаѓа на НАТО – тоа би значело непосредна воена опасност за сите нас, дури и за Вашингтон“, предупреди Орбан.

Според унгарскиот премиер, Северноатлантската алијанса треба да „заборави“ на интеграцијата на Украина во НАТО и да договори нова безбедносна архитектура со Москва.

„Треба да направиме договор со Русите за новата безбедносна архитектура за да обезбедиме безбедност и суверенитет за Украина, но не и членство во НАТО“, изјави Орбан.

Украина првпат одлучи да се приклучи на алијансата под претседателот Леонид Кучма во 2002 година. Во 2008 година, кога претседателот Виктор Јушченко дојде на власт, Киев поднесе барање да се приклучи на Акциониот план за членство во НАТО (МАП). Сепак, апликацијата беше одложена поради позицијата на Германија и Франција на самитот на воениот блок во 2008 година. Во 2010 година, тогашниот претседател Виктор Јанукович вети дека ќе се откаже од кандидатурата на Украина за интеграција во НАТО. Земјата го смени курсот во 2014 година, кога Пјотр Порошенко беше избран за претседател и вети дека ќе бара приближување со НАТО. Во 2017 година, Врховната Рада (парламентот) на Украина усвои нацрт-закон со кој пристапувањето во НАТО е приоритет на надворешната политика на земјата.

По самитот на НАТО во Вилнус на 11-12 јули, шефот на Алијансата Јенс Столтенберг објави дека сојузниците усвоиле пакет од три елементи со кои Украина се приближува до НАТО. Водачите одлучија да го отстранат барањето за Акционен план за членство, тие исто така се обврзаа да понудат повеќегодишна воена помош на Киев и се согласија да го основаат Советот НАТО-Украина. НАТО во завршната изјава рече дека алијансата ќе упати покана за Украина да и се придружи „кога сојузниците ќе се согласат и ќе се исполнат условите“.