Западот претпазлив во врска со наводниот руски ракетен напад врз Полска

Западните земји во средата се претпазливи во врска со околностите на падот на проектили во Полска кој се случи среде самитот на земјите Г20, на кој западните земји предводени од САД вршеа притисок врз јужните земји да ја осудата војната на Русија во Украина.

Истрелувањето на ракетата „од руско производство’ како што првично тврдеше Варшава во вторникот вечерта, го зголемува стравот од ескалација на судирот, на што од почетокот на самитот на Бали во вторникот предупредуваа сите челници на 20-те најголеми светски економии, но на кој не допатува рускиот претседател Владимир Путин.

Од индонезискиот остров американските, француските и британските функционери и челници од рано утрото се консултираа со полските и украинските колеги во низата телефонски разговори.

По вонредниот состанок кој траел речиси еден част, шефовите на државите и владите на земјите од Г7 – САД, Франција, Велика Британија, Германија, Италија, Канада и Јапонија – како и од НАТО, во соопштение ѝ дадода „целосна поддршка“ на Полска. Без да го именуваат виновникот, решија дека „ќе останат во контакт за во зависност од резултатите на истрагата да ги утврдат следните чекори“.

„Мораме да утврдиме што всушност се случило. Потоа заеднички ќе решаваме за чекорите кои ќе ги преземеме“, изјави по состанокот американскиот претседател Џо Бајден.

Додека Полска, која е членка на НАТО, зборува за ракета од „руско производство“ без да даде докази, а Киев ја обвинува Москва, американскиот претседател истакна дека е малку веројатно дека Русија стои зад инцидентот.

„Не сакам ништо дефинитивно да кажам сѐ додека не биде спроведена целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите малку е веројатно дека се истрелани од Русија. Но ќе видиме што сѐ истрагата ќе донесе. Иако првичните информации зборуваа дека Русија е поврзана со тоа, прелиминарните истражувања тоа го оспоруваат“, изјави Бајден во обраќањето во живот преку CNN.

Ракетата којашто во вторникот падна во источна Полска била лансирана од страна на украинските вооружени сили, објави во средата агенцијата Associated Press, цитирајќи претставници на американската администрација.

Според сознанијата на агенцијата, прелиминарните податоци укажуваат дека украинската ракета наводно била истрелана за пресретнување руски проектил, чија цел бил еден од енергетските инфраструктурни објекти во Украина.

Се истакнува дека оваа информација е во спротивност со претпоставките кои претходно ги изнесоа претставници на американската администрација, како и тврдењето на украинскиот претседател Владимир Зеленски, дека руски проектил наводно паднал на територијата на Полска.,

Од своја страна, исто така, во средата турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека податоците укажуваат дека Русија не е инволвирана во инцидентот со падот на ракетата во Полска. Според него, уште во текот на неговите разговори со германскиот канцелар Олаф Шолц добил информација дека инцидентот може да е резултат на „техничка грешка“.

Ракетата паднала врз селото Пржевдов, во Лублинското војводство на југоистокот од Полска недалеку од границата со Украина која во вторникот претрпе нов масивен руски ракетен напад врз нејзината инфраструктура. Но ниту Киев, ниту Москва во вторникот не известија за ракетирања во западните украински региони во близина на границата со Полска.

 

Одбивањата на Југот

Бајден во својата изјава од средата додаде дека со сојузниците разговарал за руските воздушни удари во Украина во вторникот ги нарекол „целосно неприфатливи“. „Во моментот кога светот се собира на Г20 за да повика на смирување, Русија и натаму ја избира ескалацијата“, изјави американскиот претседател иако Г20 е дизајнирана исклучиво за решавање на глобалните економски прашања.

Меѓутоа, западните функционери со жалење констатираат дека многу јужни земји не сакаат да ја осудат Русија и попрво имплицирајќи и украинска вина за војната ги повикуваат двете страни на преговори. Но се додава дека „притисокот врз руските власти се зголемува“ од почетокот на самитот на Г20, на кој Западот врши притисок да ги придобие на својата страна против Москва другите земји, во прв ред Кина и Индија.

И покрај разликите, како што тврдат западни дипломатски извори, дваесетте членки на Г20 основан поради решавање на економските прашања, се договориле за нацртот на заедничката декларација во кај ги „помируваат разликите во ставовите“.

Под притисок на САД, Индонезија се согласи да го покани да се обрати на самитот украинскиот претседател Владимир Зеленски, чија земја не е членка на Г20, или како што тој ги нарече „Г19“ со алузија дека ја исклучува Русија и истакнувајќи дека „дојде време да се запре руската разорна војна“.

Украинскиот амбасадор во Индонезија, Васил Хармјанин оцени дека е „симболично тоа што првиот ден од самитот сме сведоци на најлошиот бран ракетни удари (врз Украина) што е јасен знак за Г20 и за Индонезија како Русија се однесува кон мировните напори“.

„Потоа две ракети паднаа во Полска, што ги покажува руските намери’“, тврдеше упорно Хармјанин настојувајќи да ја исклучи вмешаноста на Украина во инцидентот кој може неконтролирано да ја ескалира војната и надвор од сегашното боиште.

Во фокусот на вниманието на самитот беше кинескиот претседател Кси Џинпинг кој сѐ уште ги отфрла притисоците и повиците да ја осуди руската инвазија во Украина, ограничувајќи се само на индиректна критика поради „инструментализација“ на снабдувањето со храната и енергенсите а што се однесува повторно и на двете страни, вклучително и Западот, инволвирани во украинската криза, и одбивајќи ги изрично заканите за употреба на нуклеарното оружје.

По средбата со американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот и со францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот, Кси во средата требаше да разговара со британскиот премиер Риши Сунак, но состанокот е откажан поради „проблеми со распоредот“. Тоа требаше да биде првата средба на челниците на двете земји кои историски имаат, а особено последните пет години, тензични односи.