![asanz](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/04/asanz.jpg?resize=630%2C298&ssl=1)
Oсновачот на Викиликс, Џулијан Асанж изјави дека Србија често во светот била погрешно претставувана и дека се наоѓа во еден вид „меѓупростор“, но смета дека тоа не е позиција на слабост, туку сила и можност кои на луѓето им даваат перспектива да ја препознаат вистината.
Асанж во видео порака емитувана на „Б92“ вели дека луѓето денес живеат во време помеѓу две епохи, а Србија е држава која се наоѓа „помеѓу“.
-Како и многу други такви држави, меѓу кои е и Украина, Србија е на местото на еден од најважните предводници. Тоа е местото каде иднината доаѓа прва со сите свои ужаси и убавини -рече основаот на Викиликс.
Според неговите зборови, исто како сите пионери, Србија е држава која обично погрешно е претставувана, а „тоа го направиле оние кои донесуваат одлуки и ја креираат светската политика, луѓето од надворешниот свет, но понекогаш тоа го прават и самите Срби“.
Тој потсети на НАТО бомбардирањето кога и српските новинари беа жртви.
-Тоа е единствен пат кога НАТО призна дека намерно убивал новинари. Да, српски новинари се убиени и во текот на режимот на Милошевиќ, но и за време на бомбардирањето од страна на НАТО.
Според неговите зборови не е изненадувачки што многумина Срби немаат доверба.
-Не изненадува што многу Срби не знаат кому да му веруваат, бидејќи не можат да им веруваат на убијците и криминалците од ерата на Милошевиќ. Не можат да им веруваат ниту на Исток ниту на Запад- вели Асанж во пораката снимена преку скајп, пред неколку дена од амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што се наоѓа од јуни 2012 година, откако Еквадор му додели политички азил.
Британските власти меѓутоа не му дозволуваат да ја напушти амбасадата и да отпатува во Еквадор.
За него е распишана потерница поради сослушување во Шведска, каде што две жени го обвинија за сексуално малтретирање.
Тој ги отфрли обвиненијата и стравува дека постои можност да им биде испорачан на САД, каде што го чекаат поради обвинение за објавување на стотици илјади доверливи документи на американската влада.